Путиновата Русија на чистилиште


Виктор Габер

Многумина добронамерни и објективни проследувачи на меѓународната политика за можните геополитичките разврски во 2023 година се прашуваат каде оди Руската федерација, која е иднината на рускиот граѓанин по овие дванаесет месечни кошмари со преземената рискантна „специјална операција“ во Украина? Оваа држава со нејзините димензии и нуклеарни потенцијали како да го губи здивот за следење на се динамичните поместувања на светската сцена.

Неизбежно, заради историските и културно-психолошките традиции кај рускиот народ прашањето директно се поврзува со „главата“ на тој народ – Владимир Путин. А него, за разлика од првата половина на воената инвазија во Украина, се помалку го има во јавноста, каде се повеќе го заменуваат неговите воени и цивилни портпароли.

Еве помина една година од мојата „најава“ во медиумите под наслов „Залезот на Путин и на путиноманијата“ (01.03.2022). Тврдењето од насловот, образложено во текстот, се засноваше на фактот дека со влетувањето во украинската крвава авантура рускиот претседател сам се втурна во изолација на меѓународен план и отвори планетарен проблем со неизвесна долгорочна разврска.

Притоа, непроценливи се штетните врз Украина и страдањата на Украинците, со вековен анимозитетво руско-украинските односи и значајни ретроградни процеси на самата Русија во односите со, но и внатре во Европа. А последниве нарушени развојни тенденции на глобален социо-економски план и заради зависноста од руските енергенси, само го продолжија пандемискиот шок од претходните две години и директно се поврзуваат со деструктивните настани од руската агресија во Украина. Изгледа путиновите анализи не ја земаа во предвид способноста на економиите од Западот на побрза ревитализација во однос на руската, во периодот по неминовното завршување на звецкањето со оружјето во Украина, кога и да се случи.

Путиновата наводна одбрана на Русија од „опасноста“ од ширењето на НАТО веќе можеме да заклучиме дека дојде како последица на „заморот на материјалот“ на долгогодишниот руски владетел. Неверојатно е дека во таа веќе психолошка опседнатост за неприкосновеност на лидерскиот резон, некој во неговото потесно опкружување можел да му се спротивстави за дефинирање на затегнатите и повремено крвави украинско-руски судири во Доњецк и Луганск како агресија кон Русија, што доведе до авторитарната одлука за водење на „специјалната воена операција“, како што тој ја нарекуваше агресијата врз целата Украинска територија и намерата таму да воспостави нему верен режим.

Со долготрајноста на оваа војна полека но дефинитивно се руши и аурата на Путин дека има сили и способности победнички да промашира во Киев. Стана видно дека ниту руската воена машинерија, ниту нејзините тактички, па и стратешки преземања се на ниво на задачите кои им ги зацрта претседателот Путин. Неговите последователни одлуки за промени во највисоките воени и безбедни функционери се само одраз на префрлување на вината за неисполнување на поставена цел пред една година.

Тие одлуки се само израз на нервозни изливи на неспремност за радикално повлекување од донесената лидерска одлука, што не била заснова на објективна процена за катастрофалните последици од продолжување на воените акции. Во тој правец е и сѐ уште манифестираната неспремност за давање и отворање на простор за дипломатски и „подземни“ активности за запирање на воените дејствија и барање на излезни решенија. Како некој безбедносно-разузнавачки стереотип следуваа подривачки активности на проруските и антиевропските експоненти во Молдавија и на Балканот…

На домашен план, пак, со продолжување на актуелната авторитарна поставеност во врска со оваа војна во Украина, Путин, по суптилниот „легален“ удар врз политичките неистомисленици и запоседнување на медиумите, неминовно дојде и до диференцирање од националистичките средини кои првично ја бараа и ја подржуваа „специјалната воена операција“ во Украина. Очајната регрутација и влошувањето на економските состојби доведоа и до емиграција на експонентите на рускиот „слободен“ приватен капитал, што секако е одраз и за нивната несигурност за непредвидливиот развој на поствоените периоди. Чудното „простување“ од овој свет на руски олигарси низ светот не мора да е директен доказ за нивната неспремност да продолжат „легално“ да соработуваат со режимот, како до вчера.

Да го наведам само гневот на рускиот „херој“ во воената експедиција при анексијата на полуостровот Крим, Игор Гиркин,. Тој, кој и пред оваа агресија бараше воени акции со голем интензитет во заземањето на украинска територија, продолжува да ја критикува политиката на Путин кон воената инвазија во Украина.

Гиркин и денес не отстапува од поддршката на руската воената инвазија врз Украина, па дури бара и употреба на тактичко нуклеарно оружје против членките на НАТО кои ја поддржуваат Украина. За актуелниот развој на воените настани во Украина тој директно го прозива Путин за слабостите во подготовките и водењето на оваа воена операција, слабата комуникација, препознавањето на целите и покрај воздушната надмоќ…

Деновиве во Русија, не само Гиркин ја коментира хипотезата дека во земјата би настанал прав хаос доколку Путин исчезне од политичката сцена. Тој не се задржува на можноста да дојде до таква состојба заради шпекулациите за наводните здравствени проблеми на Путин, туку дека до таква состојба на борба на секој против секого може да дојде заради притисокот на „искуствата“ дека руски лидер секој момент може да исчезне.

Односот на Путин кон војната во Украина неспорно е дека за значаен период ја наруши рамнотежата на силите на најзначајните фактори на светската политичка сцена. Мудроста на поедини од нив, искористувањето на актуелните преместувања на пазарите на енергенси им овозможи дислокација на финансиите во за нив попродуктивни вложувања, а некои и за пополнување на празнините во трката за освојување на вселената. Останува да се види дали на планетарен план НР Кина дефинитивно ќе стане единствен соперник на САД врз основа на актуелните бенефити од кризата околу Украина?

Останува да се види, дали таа еднострана техничко-технолошка зависност од руските енергенси на серија на земји ќе претставува проблем за иден развој на нивните општества? Веќе денес, само 12 месеци од почетокот на агресијата во Украина, 200-те милијарди кубни метри руски природен гас на државната компанија „Гаспром“ не можат да најдат пласман заради санкциите наметнати од поранешните европски консументи. Според извештајот на Ројтерс, актуелно се повлекуваат далеку под 100 милијарди кубни метри руски гас, еден од најзначајните руски извозни продукти.

Во Руската федерација следува период на „генерален ремонт“, а како одраз од таму очекуваните разврски (како и во последните децении на 20-иот век), секако ќе дојде и до глобални поместувања во надминување на авторитарните форми на владеење. Така, на поширок план, како своевидна рефлексија од однесувањето на Путин, сѐ повидни се тенденциите масите во демократските земји се помасовно да им ја ускратуваат поддршката на лидерите кои својата политика ја засноваат на авторитарни концепти и на воинствени, националистички основи во односите со соседите и во спротивност на современите цивилизациски достигнувања. Инсистирањето на одбрана од глобализираните тенденции како подривачки обиди за уништување на нивната нација и вековните традиции, во многу општества ја доживува својата катарза.

Back to top button
Close