Рај за криминалци, а пекол за луѓе!

Ако ненормалното го правиме неопходно, покасно пропаста ќе ни стане неизбежнa. Никој незаслужено не треба да стане пратеник ако самиот не го победи ривалот. Така се зајакнува пратеничката позиција, а водачите на партиите нема незаслужено да добиваат пратеничко место.

Трамп најави дека за 24 часа ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина и дека ќе го прекине „континуираното испраќање американско богатство во Украина“. Дури ќе побара од европските земји да и ги надоместат трошоците на Америка за надополнување на исцрпените резерви. Тој не прецизираше дали ќе инсистира Русија да се повлече од украинските територии што ги има окупирано.

Како и да е, тој видно ги оштети двата важни столба на американската надворешна политика – НАТО и ЕУ. На неколку наврати силно ја критикуваше НАТО, која над 60 години служи како фундамент на американската политика, третирајќи ја истата сега како „застарена“, заедница кај што нејзините членки се „неблагодарни сојузници кои имаат само корист од американската великодушност“!

Имено, Трамп на предизборен митинг во Јужна Каролина, ги предупредил сојузниците на НАТО дека ќе ја „охрабри“ Русија „да прави што сака“ на земјите што „не ги платиле своите сметки“. Такви изјави доаѓаат во многу критично време за Алијансата, при што некои сојузници отворено предупредуваат за потенцијална ескалација на војната во Украина, додека новиот пакет помош од САД за Киев подолго време е закочен во Конгресот.

Тој исто така вети дека ќе отпушти десетици илјади државни службеници со цел „да ја уништи длабоката држава“. Тоа ќе се обиде да го направи со помош на регулативата која ја донел во 2020 година, позната како „Распоред Ф“, кој му овозможува да префрли голем број службеници на други работни места. Веројанто фокус ќе му бидат „корумпираните бирократи во судскиот систем, националната безбедност и разузнавачките служби“. На нишан би може да му бидат ФБИ и судии вклучени во кривични постапки против него.

При таков ментален склоп од типот „слон во супермаркет“, некои сојузници отворено предупредуваат за потенцијална ескалација на војната во Украина и сериозна дестабилизација на Балканот. Таквите ставови на Трамп, од старт веќе ја направија Европа помалку безбедна, особено во однос на источното крило на НАТО, кои оправдано стравуваат дека САД ќе застанат покрај нив во случај на напад на нивна територија.

„Оттука, секоја сугестија дека сојузниците нема да се бранат меѓусебно ја поткопува нашата безбедност, вклучително и онаа на САД, и ги става американските и европските војници на зголемен ризик“ – коментираше генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Оттука, бројни дипломати и експерти во Брисел сега укажуваат на итност Европејците да инвестираат многу повеќе во нивната колективна одбрана. „Мислам дека она што го кажа претседателскиот кандидат во Америка ќе ги разбуди некои од сојузниците кои не направија многу“ – изјави естонската премиерка Каја Калас.

„Претходниот мандат на Трамп беше големиот пресврт во односите меѓу Европа и САД откако постои ЕУ“, изјави Алисон Вудворд, виш соработник во Институтот за европски студии во Брисел. „Тоа беше навистина ептен драматична промена“, додаде таа. Сега, бројни познавачи се на мнение дека европските лидери треба да се подготвуваат за тоа што би можело да се случи доколку Трамп биде реизбран. Познато е дека во својот мандат Трамп повлече околу 170.000 војници од разни делови на светот. Трамп отворено негува симпатии кон автократски лидери. Им попушти на Русите во Сирија, а од друга страна го шокираше светот кога нареди да се убие Касем Сулејмани, најмоќниот ирански генерал што ги водеше воените операции во Блискиот исток.

Изворот за анти-ЕУ политика во Белата куќа на Трамп доаѓал од едни советници кои во име господово го славеле ѓаволот, кои биле предводен од John Bolton – поранешен советник на Трамп за национална безбедност. Тој повеќе години негува силна анти-ЕУ идеологија, дека „ЕУ е обоен со антиамериканизам“. Па затоа го убедил Трамп, кој по своја природа лесно ги памти ненормалните работи, дека членките на ЕУ треба да ги смести во групата противници на САД, заедно со Кина и Русија!

 

Што да прави Европа?

Се чини дека владите ширум ЕУ веќе разбираат дека европските сојузници мора да направат повеќе за сопствената одбрана, без оглед на тоа кој ќе стане следниот претседател на САД. Тие напори се во срцето на плановите на кои европските сојузници работат зад сцената, фокусирајќи се на подобрените воени способности и на поунифициран стратешки пристап. Неслучајно, сега имаме радикален пресврт во ставовите на францускиот претседател Макрон.

Барт Кереманс, професор во Центарот за студии за глобално владеење во Лувен мисли дека – „вториот мандат на Трамп дава силен поттик за подобрување на европското зближување во однос на одбраната и безбедноста“. Имено, без оглед на ставот на Трамп, ако ЕУ сака да игра важна улога во светот, таа ќе мора да инвестира повеќе во одбраната, бидејќи светот станува се помалку безбеден“. Познатата канадска аналитичарка – Margaret MacMillan, која предава на Оксфорд, мисли дека Трамп сериозно ја оштетил мрежата на сојузи и меѓународни институции. Најавите за повлекување на американските трупи од Германија (оти таа не издвојува доволно за заедничка одбрана), се вистинска детонација против се уште формално постоечкиот атлантски поредок.

Реториката на Трамп кон Кина е воинствена. Таа се интензивираше во претходните години при пандемијата кога Трамп спомна „кинески вирус“. Дури, во една прилика, поранешниот државен секретар Тилерсон најави блокирање на Кина со вештачки острови во Јужното кинеско море, ризикувајќи сериозен светски конфликт. По некое време, Трамп и објави трговска војна на Кина, додека бројни кинески компании морале да се преселат во Виетнам и Камбоџа за да ги избегнуват рестрикциите.

 

Што ќе биде со нас?

Ние ја баравме среќата таму каде што другите ја загубија. Нам никој не може да ни помогне кога самите себе со децении си одмагаме. И по 34 години ние не сме ja оправдале државноста! Стасавме до последни во Европа, а бевме на средина. Полни 32 години беа загубени за името, а можевме поволно да го решиме во 1994 година. Ќе станавме членка на ЕУ од 2004 година, и сега ќе бевме важна членка на ЕУ. Полска во 1992 година имаше три пати пониска просечна плата од нас, а сега стаса на 1.450 евра! А ние со лажен патриотизам направивме рај за криминалците, а пекол за населението! Честопати вистинската среќа може да биде убиена од лажната среќа

Недостаток на развојни политики доведоа до тоа мнозинство жители тука да станат спомениците и пензионерите. Со вакво исселување се увиваат надежи, испаруваат народи, исчезнуваат држави. Наместо проекти цело време добивавме „патриотски“ приказни. Наместо професионалци добивавме слуги на неписмени политичари. Високата корупција ги уби политичарите со знаење и идеал и доведе до потпросечни апаши и хронични незналици. Ако сакаме спас од лоштото треба да го вратиме мнозинскиот изборен модел. Ако не повеќе, барем во политичка пензија ќе ги испрати тие што две овци не знаат да чуваат. А се шлепаат со помош на туѓи гласови. Никој не заслужува да биде пратеник ако директно не го победи ривалот. Тоа ќе ја зајакне пратениката позиција и ќе ја елиминира можноста секој да стане пратеникили министер. Ова е едно од клучните работи што ќе треба да се организира со странците.

Неопходно ќе биде тестирање на сите судии, директори, јавни високи службеници.Треба фиксни критериуми за управни одбори, јавни функции со силни транспарентни кретериуми и контролно механизми. Мерит-системот мора да биде основа за секое вработување и авансирање. Партиските влијаниа треба строго да се санкционираат.

Познавачите велат дека со постојните ресурси што ги има државата требало да биде лидер во регионот по развој. А таа е на пат за целосно исчезнување! Не е лошо да отидеме на курс кај Тајванците за да дознаеме како е можно една земја со територија колку Македонија, да издржи околу 25 милиони жители со БДП пет пати поголемо од нашето.

За сеќа или за жал, ние долги години живеевме во едно успешно едноумие, за во дваесеттите години преминeме во тотално безумие. А потоа цело време да продолжиме со малоумие…

Мерсел Биљали

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close