Работа на определено најмногу две години, нема горна граница за годишен одмор, предвидува нацрт-верзијата на новиот Закон

 

Меѓу другите придобивки за работниците таа нагласи и дека се воведуваат нови форми на работа, како што се „работа од дома“ и „работа од далечина“

Нацрт-верзијата на новиот Закон за работни односи предвидува да се ограничи времето кое работникот може да биде вработен на определено време. Со договор на определено, еден работодавец ќе може да држи работник најмногу две години, наместо сегашните пет, а потоа ќе мора да му го трансформира работниот однос на неопределено.

Ова е една од клучните придобивки кои министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, ги истакна во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.

Во тој период од две години, предност, според неа, е и тоа што работодавецот нема да може да му дава на работникот да потпишува анекс на договорот секој месец, туку тоа ќе биде дозволено најмногу три пати.

„Ставаме клаузула да не може еден работник секој месец да потпишува анекс. Туку велиме најмногу до три пат во периодот од две години. Нема да може секој месец. Ќе има три пати и работодавецот ќе мора да ги распредели“,вели Тренчевска.

Таа нагласи дека синдикатите барале максималното време за работа на определено да биде една година, а работодавците предлагале да остане иста – пет години или да се намали на најмалку три. Затоа периодот од две години е избран како компромис.

Меѓу другите придобивки за работнциите таа нагласи и дека се воведуваат нови форми на работа, како што се „работа од дома“ и „работа од далечина“ што смета дека е особена придобивка за младите работници да бираат како ќе работат. На ова, вели Тренчевска, нè поучи ковид-пандемијата кога голем дел од работниците работеа од дома.

Исто така, наведе министерката, нема да има и горна граница колку ќе изнесува годишниот одмор.

„Ја тргаме горната граница на времетраењето на годишниот одмор која беше стриктно до 26 дена, даваме право на работодавците со синдикатите да договорат преку колективни договори. Велиме минимумот е 20 дена, а горната граница нема“,рече Тренчевска.

Министерката нагласи дека ова се предлози од нацрт-верзијата, а по собирањето на предлозите, и јавните дебати очекува во текот на февруари да бидат сумирани сите забелешки, да се пушти предлог-законот во владина процедура, а потоа и во собраниска.

Back to top button
Close