Работев чесно, но очигледно тоа не е доволно, СДСМ се неми набљудувачи на тоа што го прави ДУИ“

Министерот за здравство Фатмир Меџити пред пратениците во Собранието ја обвини ДУИ за деструктивно однесување и рече дека таа партија се залага за партиски интереси, наместо за интересите на граѓаните. Рече дека жали што немале сите иста цел како него.

„Поминаа 11 месеци во кои како министер покажав како се работи, не бегав од проблемите туку влегов во оган за да ги решам прашањата од кои сите пред мене бегале и ги ставиле под тепих.Жалам што се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во оваа Влада. Се покажа дека ДУИ преку нивните министри до крај реши да политизира и попречува, и реши до крај да оди против интересите на граѓаните. Сметам дека политиката е средство за помош на граѓаните, тие сметаат дека политиката е средство за реализација на лични интереси“ рече Меџити.

Тој ги обвини од СДСМ дека немо набљудуваат што прават од ДУИ и дека тоа е најлошата форма на поддршка.

„Размислете само колку е понижувачки за вас и вашите поддржувачи, да бидете неми набљудувачи на ова што ДУИ го прави против интересот на граѓаните. Немото соучесништво е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки. Мојата чест е чиста“, нагласи Меџити.

 

Тој додаде дека во последните два дена добил стотици пораки на поддршка.

 

„Никој не веруваше, но со моето доаѓање го набавивме лекот Трикафта и почнаа да го добиваат пациенти. Обезбедивме 650 сензори за мерење на шеќерот во крвта. Направивме двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема. Првпат обезбедивме хеликоптерски меѓународен транспорт за болно лице. Ги покачивме платите три пати. Еве ова е мојот приход во здравството. Работев чесно, но очигледно тоа не е доволно“, кажа Меџити пред пратениците.

Во собранието се разгледува предлогот за разрешување на министрите Азир Алиу и Фатмир Меџити од Алијанса за Албанците.

Back to top button
Close