Работната група го враќа делото „злоупотреба на службената положба при јавни набавки“ во новиот Кривичен законик

Во новиот Кривичен законик нема да се дозволи неказнивост за злоупотреба на службената должност при јавни набавки, а тоа ќе се регулира со посебен член. Ова е ставот на работната група која подготвува нов Кривичен законик, изнесен од академик Владо Камбовски во изјава за Сител.

Со неодамнешните измени на Кривичниот законик отпадна досегашниот став 5 од член 353 од КЗ, кој гласеше: „Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

„Сигурно дека ќе инсистираме на она што е наш предлог како работна група, посебно за делото 353 за кое во новиот текст, точно, избришан е ставот 5 кој стана проблематичен, но затоа е дадено едно посебно кривично дело на злоупотреба на службената должност при вршење на јавни набавки. Така што, ако се избрише ставот 5, мора да оди тоа кривично дело, инаку би останала една тешка форма на злоупотреба. Не дека нема да е казнета, тогаш сторителот ќе одговара за општото дело на злоупотреба, но нема да биде тоа дело одмерено, односно, вината на сторителот одмерувана според степенот на штетноста, односно, со построга казна. Така што, не ќе може да остане вака како што е, да виси, значи да нема сега потешко казнување за злоупотреба при врешење на јавни набавки“изјави Камбовски.

А за донесување на новиот закон за амнестија, според Камбовски, се уште нема детална анализа.

„Мислам дека треба да се види тој аргумент за пренатрупаност на затворите. Треба да се направи една споредбена анализа со другите земји. Ние имаме релативно висок процент на луѓе осудени на затвор, што во други земји, затворот претставува реткост за бројни дела. Во мнозинство тоа се парични казни и условни осуди. Значи една анализа треба да се направи. Јас не сум видел таква анализа, би сакал да видам конкретна анализа, не сум читал образложение на законот за стварно да се заклучи дека преполнетоста на затворот е главниот аргумент за едно вакво предвремено ослободување од издржување на казна или нејзино намалување“вели Камбовски во изјавата за Сител.

 

Back to top button
Close