Радар: Српската влада за еден месец потрошила рекордни 1,6 милијарди евра
Само во декември минатата година, Владата на Србија направи дефицит од 1,63 милијарди евра во буџетот и ги урна сите претходни рекорди, бидејќи успеа да потроши 399 милијарди динари за само еден месец, повеќе од кога било во модерната историја на Србија, објави денеска неделникот „Радар“.

„Радар“ наведува дека владата, паралелно со тоа, урнала уште еден рекорд, бидејќи потрошила дури 191,2 милијарди повеќе отколку што успеала да собере од сите даночни обврзници тој месец, со оглед на тоа што вкупните приходи на буџетот во декември изнесувале 207,8 милијарди динари.
Според „Радар“, она што е многу позагрижувачко од самиот дефицит е темпото со кое тој растел во последниот месец од минатата година, бидејќи се добива впечаток дека владата доброволно трошела јавни пари – само во декември, таа создала дефицит во државната каса 2,4 пати поголем отколку во претходните 11 месеци.






