Радев ги прими македонските Бугари – најави нова политика кон Македонија

Претседателот на Бугарија Румен Радев во Претседателството прими делегација на бугарската заедница во Република Северна Македонија, составена од претставници на политичката партија Граѓанско-демократска унија, здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“ од Битола, „Трибина“ од Прилеп, Македонска – бугарско пријателство од Скопје, „Коридор 8“ – Скопје, „Интеракција“ – Охрид и „Единство“ од  Кочани.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова е прва средба на бугарски претседател со претставници на Бугари од С Македонија.

Бугарија стои цврсто зад македонските Бугари, рече Радев, додавајќи дека овој став веќе го искажал пред ЕУ и за време на неговите средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Според Радев, без соработка со македонските Бугари, Софија не може соодветно да ги заштити нивните права.

Тој потсети дека во Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија стои дека Бугарија има право да ги брани правата на македонските Бугари.

Радев го поддржа и повикот на дел од организациите на македонските Бугари, упатен на 12 октомври до политичките партии и институции во Бугарија.

-Треба да биде јасно дека покрај заштитата на вашите права, имаме и поширок интерес за Република Северна Македонија, но во секој случај вашиот интерес ќе биде на прво место. Тоа многу зависи од вашето единство, продолжи Радев, и додаде дека Бугарија е во процес на формулирање на нова политика.

Радев оцени дека бугарските граѓани се граѓани на ЕУ, па нивната дискриминација е дискриминација на европејци. Тој исто така истакна дека заедничка задача е, како што вели, да се запре дебугаризацијата во Република Северна Македонија и да се зачува историското и културното наследство. Прекршувањето на овие права е причина да се одложи почетокот на преговорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, без разлика на цената што Софија ја плаќа. Бугарија непоколебливо ќе оди по овој пат, категоричен е Радев.

Back to top button
Close