Радев и Мицотакис разговораа за евроинтеграцијата на Западен Балкан
– Бугарскиот претседател, Румен Радев, и грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, телефонски разговараа за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, соопшти прес-секретаријатот на шефот на бугарската држава.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, покрај процесите на евроинтеграција, разговорите се фокусираа и на темите за билатералното партнерство меѓу Бугарија и Грција и соработката за надминување на последиците од епидемијата на коронавирус во двете земји.
Двајцата лидери изразија заеднички став дека политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е вистинска инвестиција во стабилноста на регионот.
Затоа, според Радев, потребна е непоколеблива поддршка за спроведување на неопходните реформи во земјите-кандидати за исполнување на критериумите од Копенхаген за пристапување во ЕУ.
-Градењето вистински односи на добрососедство е најбезбеден и најбрз начин да се постигне полноправно членство во Европската унија, рече претседателот Радев.
Радев и Мицотакис разговараа и за зголемување на енергетската поврзаност и постигнување вистинска диверзификација во регионот, како и за забрзување на процесот на градење на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција.