Радев: Крајно време е Македонија да почне истрага и кривично гонење за сите напади врз Бугарите

„Ова е единствениот начин оваа земја да постигне европска интеграција. Тоа многу јасно им го кажав и на претседателот и на премиерот на оваа земја“ – порача бугарскиот претседател по нападот на ексновинарот и публицист Владимир Перев во Скопје

Крајно време е Северна Македонија да започне ефикасна истрага и кривично гонење за сите напади врз Бугарите – изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, откако минатата недела во Скопје беше нападнат ексновинарот и публицист Владимир Перев, кој е деклариран Бугарин од земјава.

Радев ова го изјави за бугарските медиуми одговарајќи на прашањето дали Софија ќе бара посериозни гаранции за Бугарите во Македонија, за да нема повторување на ваквите случаи.

„Крајно време Македонија да започне ефикасна истрага и кривично гонење за сите напади врз Бугарите. Ова е единствениот начин оваа земја да постигне европска интеграција. Тоа многу јасно им го кажав и на претседателот и на премиерот на оваа земја. Во случајот со господинот Владо Перев, тоа е многу добра прилика конечно да се започне, бидејќи таму и мотивот и сторителот се јасни“изјави Радев.

Во врска со нападот на Владимир Перев во Скопје претходно реагираше и Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму го осудија нападот, велејќи дека е поттикнат од актуелната социо-политичка атмосфера и антибугарска реторика и ги повикаа институциите да преземат ефикасни мерки за истрага на случајот.

Во меѓувреме, поранешниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски испрати отворено писмо до Европскиот парламент и Европската комисија во кое го повика Брисел да реагира во врска со нападот.

Back to top button
Close