Радев: На плоштадите денеска не е мафијата, туку бугарскиот народ
„Масовниот протест им припаѓа на сите граѓани. Ниту шверцерите, ниту мафијата, не се на плоштадите денеска, туку бугарскиот народ, кој е единствениот суверен според Уставот, и е цврсто решен да си врати државата“, напиша на Фејсбук бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој ги повика сите присутни на плоштадот да не подлегнуваат на провокациите и нагласи дека раководството на Министерството за внатрешни работи е одговорно за животот на граѓаните кои протестираат.
„Одговорноста за спречување на инцидентите, за животот и здравјето на демонстрантите и на редовните униформирани полицајци, е на раководството на Министерството за внатрешни работи. Нека сите учесници на настанот – граѓани, полиција и жандармерија – не забораваат дека ние сме Бугари. Дека присуството на униформираните полицајци е да се грижат за безбедноста на граѓаните. Дека на насилството меѓу владата и граѓаните му нема место во иднина, за кое сите пристојни луѓе се бориме и ќе го постигнеме“, порача шефот на бугарската држава.
“Нашата морална победа како општество ќе биде зачувување на граѓанскиот мир, и покрај навредите, провокациите и демонстративното газење на демократските принципи од немоќната влада. Промената е неизбежна. Секоја тврдоглавост на владетелите само ја продлабочува кризата”, се додава во постото на бугарскиот претседател Румен Радев. сд/