Радев – Пендаровски: Европската иднина на Северна Македонија има перспектива
Европската иднина на Северна Македонија има перспектива. Двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, да ги решат работите заедно, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски е во Рим по повод чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Радев уште еднаш повтори дека во разговорите за надминување на проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија нема потреба од европски посредници. – Нема потреба европска земја да се вклучи, ќе ни треба преведувач. Зошто ни е преведувач?, рече Радев.
Тој нагласи дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји и на зближување на двата народа.
– Исклучително силна порака е што од ова свето место базиликата „Санта Марија Маџоре“ претседателите на Бугарија и Северна Македонија испраќаат јасна порака кон нашите граѓани за соработка, доверба и пријателство. Таа порака е многу силна, рече Радев.
Верувам, посочи тој, дека делото на Светите браќа Кирил и Методиј не задолжува да работиме заедно на изнаоѓањето секакви можности и патишта за соработка и за изнаоѓање решение и за најсложените проблеми кои ги имаме денеска.
– Можам да ве уверам дека Бугарија е готова да работи на изградба на мостови меѓу нашите две држави за развој на економските, трговските, образовните, културните врски и најважното за зближување меѓу луѓето. Верувам дека заедно со нашите пријатели од Северна Македонија со кои споделуваме општо духовно присуство низ вековите имаме решителност заедно да споделиме и општа иднина во обединета Европа, потенцира Радев.
Тој посочи дека „нашата заедничка писменост, илјадагодишна историја и култура“ не само што ни ја олеснуваат работата, туку не задолжуваат заедно да одиме по тој пат и најави уште поголема помош за земјава во борбата против Ковид-19.
Претседателот Пендаровски, пак, порача дека напредок и прогрес е возможен само ако во дијалог веруваат двајца рамноправни соговорници, без потценување, со меѓусебна почит.
– Тоа што сме денеска заедно со Радев не е случајно. Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, политичари кои може да зборуваат со европски јазик, за предизвиците, но и за иднината. Во Радев најдов соговорник со кој можам да зборувам на ист јазик, европскиот, што може да донесе посветла иднина за нашите две земји, истакна Пендаровски.
Заедничкото чествување на Кирил и Методиј, шефот на македонската држава го нарече нова динамика во билатералните односи и истакна дека денеска во Рим заедно се оддава почит на двајцата духовни великани чие дело, како што нагласи, ги надминува националните и религиозните граници и е од големо значење за целиот континент и пошироко.
– Ова е една нова динамика во нашите билатерални односи која се надевам ќе биде продолжена. Се надевам дека во годините и месеците што се пред нас стојат многу подобри денови и пред Северна Македонија и пред Бугарија, напомена Пендаровски.
Одговарајќи на прашање од бугарски новинар, Пендаровски рече дека го поддржува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија од 2017 година, од збор до збор.
– Во 2019 година бев кандидат за претседател на Република Северна Македонија со директна поддршка на Договорот со Бугарија и директна поддршка на Преспанскиот договор со Грција. Кога велам поткрепа на Договорот од 2017 година меѓу нашите две држави зборувам во неговиот интегритет, а не зборувам за тоа што мене ми се допаѓа или не. Договорот таков како што е напишан до последната буква го поддржуваме, посочи Пендаровски.