Раичевиќ во „Топ Тема“: Кандидатурата на Ристоска отвора прашања за објективност и можен судир на интереси

Во дебатата во „Топ Тема“ на Телма, обвинителката Лидија Раичевиќ изнесе сериозни забелешки во однос на кандидатурата на нејзината колешка Ленче Ристоска за државен јавен обвинител, оценувајќи дека постојат дилеми околу нејзината објективност.

 

„Врз основа на моето убедување, сметам дека оваа кандидатура на колешката навистина нема објективен карактер по објективни критериуми“, изјави Раичевиќ.

Таа посочи дека Ристоска води сензитивен предмет поврзан со имотот на ВМРО-ДПМНЕ и дека токму тоа, според неа, отвора сериозни прашања во контекст на изборот.

 

„Колешката води еден сензитивен предмет за имотот и за ВМРО воопшто и има изградено професионален однос со партијата која треба да ја бира. Се прашувам што ќе беше ако таа се избере од нивна страна. Дали тогаш нема да се актуелизира прашањето дека таа го води тој предмет?“, праша Раичевиќ.

 

Дополнително, таа го спомена и прашањето за приватна тужба, оценувајќи дека тоа може да влијае врз перцепцијата за непристрасност.

 

„Како може да се очекува објективен став и однос на еден кандидат кога тој својот професионален однос го персонализира низ конкретна приватна тужба?“, рече Раичевиќ, алудирајќи на Ристоска.

 

Според неа, обвинителите мора да имаат јасно изграден однос кон институцијата и да постапуваат во согласност со европските стандарди.

 

„Сите кои работат во обвинителството мора да имаат изграден однос кон институцијата. Прифаќајќи ги ЕУ вредностите, државата ги повлекува своите интереси и му доверува на обвинителот да ги заштитува правата на граѓаните. Неговиот однос треба да биде сензитивен и профилиран“, истакна Раичевиќ.

 

Таа заклучи дека во конкретниот случај постои ризик од судир на интереси.

 

„Според мене има судир на интереси во извршувањето на оваа функција“, изјави Раичевиќ, осврнувајќи се на кандидатурата на Ристоска.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close