Раководството на М-НАВ ги оцени за тенденциозни и невистинити тврдењата на претседателот на Синдикатот на контролори за летање

Во соопштението кое Управниот одбор на М-НАВ го испрати до медиумите се посочува дека вработувањата на контролорите на летање се спроведува согласно критериумите на Европската организација за безбедност на воздушната навигација (Евроконтрол) и интерните акти. Во последните две години, велат од М-НАВ, се примени 20 нови кадри, од кои 12 се здобиле со лиценца, а другите осум се во фаза на практична обука.

„Оваа негативна и лоша тенденција која е лична иницијатива за свои интереси од претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, е само показател на лични интереси во негова корист, а додека другите вработени кои не се консултирани за неговите изјави и постапки, кои според свои интереси ги злоупотребува и според тоа прави штета на М-НАВ“, се вели во соопштението на М-НАВ.

Во однос на обвинувањата на Синдикатот оти опремата е стара и непроменета од 1999 година, од М-НАВ велат оти компанијата ги презема сите активности за инвестирање во навигациска опрема, вклучувајќи најмодерен систем за водење на авиони и соодветна модерна радарска станица.

„Од 2021 година сме вклучени во Free route concept на Network Management на Евроконтрол и со тоа се придонесува за намалување на Co2 емисии и резултирање со пократки рути за авиокомпаниите. Во завршна фаза сме со PBN најмодерните процедури за слетување/полетување на нашите меѓународни аеродроми. Оваа година сме во завршна фаза на имплементација на најстрогата системска регулатива 373 на ЕУ поврзана со безбедност на воздушниот сообраќај со рок за имплементација до почетокот на 2023 година и за истата сме во континуирана соработка и координација со нашиот регулатор ACV преку кој ќе се добие нов сертификат“,додаваат од М-НАВ.

Посочуваат дека Управниот одбор на М-НАВ ги има исполнето сите заемни спогодбени услови со синдикатите.

Штрајкот на контролорите за летање во М-НАВ ќе се одржи на 12 октомври од 11 до 17 часот, а во тој период нема да се опслужуваат воздухоплови на аеродромите во Скопје и Охрид. Откако ја објавиле информацијата за штрајкот, претседателот на Синдикатот на контролорите за летање, Александар Тасевски, вели дека почнал да добива телефонски закани за кои пријавил во полицијата и во раководството на М-НАВ.

Back to top button
Close