Рама бара Трамп да направи нешто за Хашим Тачи и командантите на кои им се суди во Хаг

Во своето обраќање на првиот состанок на Мировниот комитет формиран од американскиот претседател Доналд Трамп, албанскиот премиер Еди Рама го повика американскиот претседател да „направи нешто“ во врска со Специјализираните комори на Косово со седиште во Хаг, каде што им се суди на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово.

Рама рече дека Хашкиот трибунал не успеал да ги почитува стандардите на демократската правда.

Пред Специјализираните комори на Косово во Хаг, вчера заврши судењето за поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи и поранешните команданти на ОВК. Судењето започна во април 2023 година, а обвинителите побараа тие да бидат осудени на по 45 години затвор.

Рама во своето обраќање на првиот состанок на Комитетот за мир истакна дека е побарано 45 години затвор за обвинетите во Хаг, објави Reporteri.net.

Делови од изјавата на Рама беа емитувани и на мрежата X.

„Судот не успеа да воспостави правда и да ги почитува стандардите на меѓународната правда. Господине Трамп, направете нешто пред да се случи нешто лошо“, рече Рама.

Дополнително, Рама му се заблагодари на Трамп за прифаќањето на Албанија во Комитетот за мир, кој е задолжен за следење на договорот за прекин на огнот во Газа.

„Ја цениме вашата улога, господине претседателе, во завршувањето на конфликтот во Газа. Овој Комитет мора да донесе мир за децата од Газа, од војната предизвикана од Хамас. Човештвото мора да победи во таа област. Светот може да создаде оаза на мир на Блискиот Исток. На Албанија ѝ е чест да придонесе за оваа промена“, рече Рама.

Тој, исто така, истакна дека претседателот Трамп „воспоставил мир меѓу Косово и Србија во својот прв мандат“.

Back to top button
Close