Рама до Марин: Не очекувам ништо ново на овој Совет, но земјите од ЕУ се обидуваат со Бугарија да отворат пат на разумот
Албанскиот премиер Еди Рама ѝ се заблагодари на финската премиерка Сана Марин за поддршката што Финска ја дава за земјите од Западен Балкан во патот кон ЕУ. На денешната средба во Тирана, Рама додаде дека кога која било друга ЕУ-членка „вади опашки“ од внатрешнополитички причини, тој се потпира на искреноста на Финска.
„Со премиерката разговаравме за тоа што доаѓа или што не доаѓа во наредните денови во врска со официјалното отворање на преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија преку меѓувладини конференции. Јас ѝ реков на премиерката дека не очекувам ништо ново на овој Совет, но земјите на ЕУ до крај, вклучително и Финска, се обидуваат со Бугарија да отворат пат на разумот и да го ослободат процесот и за ова ние сме многу благодарни – кажа Рама.
Рама додаде дека Албанија сесрдно го поддржува членството на Финска и Шведска во НАТО.
Премиерката на Финска, Сана Марин, ја изрази поддршката на нејзината земја за членството на Албанија во Европската Унија. На прес-конференцијата, за време на посетата на Албанија, Марин рече дека членството на Западен Балкан во ЕУ е важно во време кога Европа се соочува со закана од руска агресија.
„Финска е долгорочен и силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Сакаме да ги видиме сите земји од Западен Балкан да се приклучат во ЕУ откако ќе ги исполнат критериумите. Наш приоритет е да ги започнеме пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија без одлагање, сакаме да ја поддржиме Албанија за нејзиното членство во ЕУ – рече Марин.