Рама му возврати на Ципрас: Оставете ги „рефлексите од минатото“ и националистичката реторика

Албанскиот премиер Еди Рама остро реагираше на ставовите на новата грчка левичарска партија на Алексис Ципрас, обвинувајќи ја дека од изолиран инцидент направила политичко прашање и дека се потпира на „рефлекси од минатото“, пренесе Екатимерини.
Во отворено обраќање на социјалните мрежи до својот „стар пријател“ Ципрас, Рама изрази зачуденост што новата партија брзо го поврзала инцидентот во Звернец со наводни прекршувања на правата на грчкото малцинство во Албанија и со европската интеграција на земјата.
Повод за реакцијата беше соопштение на грчката партија ЕЛАС, која побара од Атина да реагира по повредувањето на грчки државјанин за време на протест против туристички проект во јужна Албанија. Проектот, според медиумските извештаи, се поврзува со инвестиции во кои е вклучен и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Рама нагласи дека инцидентот не се случил за време на мирен протест за имотни права, туку во атмосфера на дезинформации и обиди за попречување на законски активности на меѓународни инвеститори кои работеле на приватно земјиште стекнато во согласност со албанските закони.
Тој посочи дека властите веднаш реагирале, при што биле уапсени одговорните лица од приватното обезбедување, и била одземена лиценцата на компанијата и бил разрешен директорот на полицијата во Валона.
„Не е ниту праведно ниту одговорно еден изолиран инцидент да се претставува како доказ за прекршување на малцинските права, имотните права или владеењето на правото“, порача Рама, додавајќи дека таквиот пристап не е во духот на европските вредности.
Албанскиот премиер истакна дека грчкото национално малцинство во Албанија претставува „богатство“ за државата и дека ужива исти права и заштита како и сите други граѓани.
Во пораката до Ципрас, Рама оцени дека на Европа ѝ се потребни помалку „рефлекси од минатото“, а повеќе доверба во фактите, институциите и добрососедските односи. Истовремено, му посака успех на поранешниот грчки премиер на претстојните избори, изразувајќи надеж дека неговото ново политичко движење нема да прибегнува кон националистичка реторика и брзи заклучоци за соседните држави.






