Рамадан Рамадани во „Интеркултура“: Кочани е нашата Газа!

Во најновото издание на шорткастот на ИМА „Интеркултура“, гостин на Роберт Алаѓозовски е Рамадан Рамадани, политички аналитичар и добар познавач на политичките и интеретничките односи во земјата.

За Рамадани, интеретничките односи во земјава се релативно мирни и стабилни, но тој укажува на еден подолгорочен процес за, како што го нарекува, „запоседнувањето на политичката нација само од еден етникум, Македонците“ и ускратување на тоа “право на патриотизам кон Македонија на Албанците“.

„Во Македонија сите граѓани подеднакво можат да бидат патриоти, да настапуваат, да ја претставуваат Р. Северна Македонија, но кога доаѓа редот Албанците да бидат тоа што се, граѓани на Р. Северна Македонија, тогаш некако од другите, а посебно од Македонците, тоа право им се ускратува… Последната слика која беше прикажана од страна на некои опозиционерски ботови, а таму стоеше млад играорен Албанец со кече и со тоа, и пред него стоеше написот Република Македонија, зашто тој е претставник на здружение, културно – уметничко друштво на Македонија, учествува во меѓународен фолклорен натпревар, и најнормално е тој да ја претставува Македонија таков каков што е: значи, Албанец, облечен во албанска носија, игра албанско оро итн. Но, овие, некако, целата полујавност како да се скандализираше од тоа“, посочи Рамадани.

Коментирајќи го закочувањето на евроинтегративните процеси, Рамадани е критичен кон власта и смета дека позитивниот моментум треба да се искористи затоа што тој може и да исчезне од „преговарачката маса“.

„Актуелните процеси што се случуваат, а што се многу неповолни по Македонија. Прво е – еден обид од владејачката структура, овој спор, нели, отворањето на Уставот и, кратко кажано, вметнувањето на Бугарите во Преамбулата, да го прикаже како македонско-бугарска релација или проблем. Значи, да го наведе пак на билатерално прашање што веќе не е возможно, значи е анти-историско. Ние веќе имаме спор и последниот предлог и компромис се вика француско-германскиот спор. Ние, тоа нѝ го рече и данската министерка која беше во Македонија, и Марта Кос на некој начин, и Урсула Фон Дер Лејен, но тоа треба на сите да нѝ биде јасно. Значи, ова е правец кој не води на никаде. И другиот аспект е што ние секогаш треба да знаеме дека, како што некои нели евроскептици кажуваат – па европската заедница не е вечна, ќе се распадне итн. – треба да знаеме дека и овој момент може многу скоро да заврши. Значи, историјата не е во наши раце“, изричито тврди Рамадани.

За трагедијата во Кочани, тој резигнирано оцени дека тоа не само што покажало дека институциите се подриени, туку е пропуштена и шансата државата да ги доизгради сите нејзини институции.

„Кочани е нашата Газа. Значи, како Газа што ја заборавија Арапите, и ние другите граѓани на Република Македонија, ги оставивме Кочанчани сами во својата тага. Знаете, тие дојдоа еднаш и протестираа во Скопје и таму беа само неколкумина. Другите луѓе, другите институции, па и самата влада не направи ништо за Кочани. Тоа е големо по сите аспекти, дури и од културен аспект кога ќе осознаеш дека, не знам, доаѓаат српски пејачи и прават концерти во културни домови, било во Кочани, во Гевгелија или на други места, а нашата најпопуларна група ни загинува во шупа, ДНК беше доста популарна значи и за Македонците и за другите, и луѓето беа сакани. И таа група доаѓа и во шупа, треба да одржи концерт, таму имаше концерт на таа група. Не беше само некоја забава, се собрале некои млади. Тоа е одговорност на сите институции, без исклучок, дури и на тие културните“, заклучи Рамадани.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.

 

 

Back to top button
Close