Ранѓеловиќ: Излезноста во Кочани манифестира најголема мизерија, народот наместо да бојкотира гласаше за системот кој ги проголта

Политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ во вечерашната дебата во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ изјави дека победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори била очекувана, а реакциите од СДСМ ги оцени како „бесмислени и обиди за релативизација на поразот“.

„Чесно е да се признае. Победата е таква каква што е – очекувана. Од сега па натаму, поголема борба ќе има кој ќе биде лидер на опозицијата, отколку кој ќе победи на следните избори,“ рече Ранѓеловиќ.

Тој особено се осврна на ситуацијата во Кочани, каде што, според него, излезноста на изборите ја покажала најголемата морална криза во државата.

„Ако трагедијата во Кочани е најголема од осамостојувањето, тогаш излезноста таму манифестира најголема мизерија. Наместо народот да бојкотира во знак на протест за загубените детски животи и родителите кои секојдневно протестираат, тие гласаа за истите партии кои го создадоа системот што ги проголта тие деца,“ нагласи аналитичарот.

Ранѓеловиќ додаде дека со ваквото гласање, граѓаните на Кочани ги „погребале“ не само родителите на загинатите деца, туку и надежите за морално и праведно општество.

„Очекував бојкот на изборите, ако не на ниво на цела држава, тогаш барем во Кочани,“ заклучи тој

Back to top button
Close