РАСЦУТЕНА ПУПКА

Зборник на гнасни зборови

Кривичниот суд го ослободи поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“ за незаконската донација со која е изградено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Делото ионака застарува за еден месец, но поважно е дека со ослободителната пресуда веќе нема шанси за конфискација на Белата палата.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски постојано ја пизмеше и обвинителката Ленче Ристовска  што ги водеше „Талир 1“ и „Талир 2“ во кои обвинета беше владејачката партија. Потоа Мицкоски од собраниска говорница му кажа на новиот државен обвинител Ненад Савески што очекува од него. Па Савески ѝ ги зеде предметите  на Ристовска. Таа веднаш си поднесе оставка. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ на серија прес-конференции бараше да биде разрешена и судијката што го водеше процесот за Белата палата.

Патем, уште еднаш да се потсетиме дека измените на Кривичниот законик со кои се намалија казните за службените лица и што отвори пат за побрзо застарување на кривичните дела на функционерите, беа донесени во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ, со помош на ВМРО-ДПМНЕ. Тие решија баш на тој 6 септември 2023 да влезат во салата и да направат кворум, иако претходно ги блокираа сите собраниски седници. Си земаа плата со седење пред врата.

Е па, еве, конечно премиерот Христијан Мицкоски рече дека „овој пат судот застана на страната на правдата“. Сега сигурно и рејтингот на правосудството ќе порасне.

Во 2017, кога тогашниот премиер Зоран Заев одеше на суд како обвинет дека зел поткуп изјавуваше дека ќе го отвори судството како пупка.

Христијан Мицкоски во 2026 е на добар пат да го напупи.

Преносите од седниците во Собранието се како натпревар во говор на омраза. Чиниш, пратениците не можат да се наситат од лошотилак.

Ако простаклук излегува од собраниска говорница, што муабет да правиме понатаму? Ако денес пратеничка на владејачката партија ѝ вика на пратеничка од опозицијата „доста скокаш како кокошка“, зошто утре кокошката да не биде искубана на улица? Па и вратчето да ѝ се цвикне.

Па после пратениците се шокираат, морализираат и осудуваат врсничко насилство кај децата, па и на комисии ќе расправаат.

Како ли ги бираат во партија кога ги ставаат на пратенички листи? Кој знае погнасни зборови од лидерот оди погоре на листата?

Пред две недели, тие исти пратеници се сликаа дека донеле Кодекс за етичко однесување.

Кај и да е, ќе донесат и зборник на гнасни зборови пред влез во ЕУ.

Целата колумна на Горан Михајловски на  СДК.МК

Back to top button
Close