Рашковски демантира дека барал да му се врати пасошот

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, реагираше во врска со информациите во јавноста дека побарал од судот да му биде вратен пасошот, посочувајќи дека станува збор за лажна вест.

„Со оглед на фактот дека се шири лажна вест за наводно барање да биде вратена мојата патна исправа, која ниту еден медиум не ја поткрепува со факт, туку е проста репродукција на неименуван извор, сметам дека е за потребно да реагирам на ваквите објави, затоа што истите имаат само една единствена цел – да се фрли прашина врз судскиот процес кој е во тек“ се вели во демантот на Рашковски.

Тој вели дека случајот „Софтвери“ против него кој е во тек е под постојана „контаминација од лажни вести“, за, како што вели, да се креира „погрешна слика“.

 

„Медиумите секогаш биле добро примани од моја страна како соговорници, затоа би било професионално при било каква објава поврзана со мене да побараат и потврда за планираната објава од моја страна. Голем дел од јавното мислење околу процесот кој е во судска тек е под постојана контаминација од лажни вести, со цел да се креира некаква погрешна слика, Ве замолувам за објективно и проверено известување, доколку сметате дека постојат елементи кои се од јавен интерес. Но, не дозволувајте да сте катализатор на туѓите лажни вести“ се додава во реакцијата на Рашковски.

Рашковски е обвиниет за злоупотреби со набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, а во феверуари му беше укинат прво затворскиот, потоа и домашниот притвор, откако Апелација ја прифати гаранцијата од 192 илјади евра.

Back to top button
Close