Расипан радар – без безбедносно влијание за авио-сообраќајот
Нема никаков безбедносен ризик со слетувањето и со полетувањето на авионите на скопскиот аеродром, тврди директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, кој ја потврдил информацијата на порталот „СДК.мк“ дека се расипал единствениот исправен радар во Контролата на летање во Македонската навигација (М-НАВ) на Меѓународниот аеродром Скопје.
Според директорот, работата ќе се одвива како и досега, но со побавно темпо и нема никаков безбедносен ризик со слетувањето и со полетувањето на авионите. Според директорот, М-НАВ располага со 3 радарски глави – една покрај охридскиот аеродром и две на скопскиот.
„Едната на Скопскиот аеродром е во моментов со технички дефект кој е детектиран и се работи на негово отклонување. Ваквите технички дефекти од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авиокомпаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на 1 час. Овие регулации ќе останат на сила се до отклонување на дефектот на радарската глава. М-НАВ вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба“, изјавил претседателот на УО на М-НАВ Владимир Ристески.
Нова опрема во нефреквентен период
Контролорите на летање во јули годинава се заканија со штрајк ако не се инсталира нова опрема, предупредувајќи дека не само стариот радар, туку и софтверот и останатата опрема ќе почнат да откажуваат.
Го ставија штрајкот во мирување откако добија уверување од новиот менаџмент дека новата опрема ќе се инсталира. Според Ристевски, има нова опрема која не ја инсталирале претходниците со години, но и добавувачот од Италија доцнел и не бил докрај принципиелен и покрај пеналите што ги платил за доцнењето.
Вели дека договорот со Синдикатот останува, но ќе се одбере тајминг за опремата да се инсталира во период кога бројот на прелети, слетувања, полетувања ќе опадне, бидејќи тоа не е едоставна операција „од денеска за утре“.
На веб страницата на М-НАВ пишува дека Обласната контрола на летање Скопје опслужува 150.000 летови годишно и повеќе од 600 летови во текот на летото кога сообраќајот го достигнува максимумот.
Според Државниот завод за статистика, само во второто тримесечје од 2025 година (април, мај и јуни) бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесувал 895.531 и бележи зголемување во споредба со истиот период во 2024 година, кога бројот на превезени патници изнесувал 815.383.
Зголемен бројот на прелети
Новиот менаџмент во М-НАВ поставен пред десетина месеци наследи состојба на нарушени меѓучовечки односи и неуспешна транзиција на нови технички системи. Во одговорот од Управниот одвор на М-НАВ, на изнесените забелешки во јули од претседателот на Струковиот синдикат на Контролорите на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, беше наведено дека актуелниот менаџмент ги ставил во смени скоро сите контролори на летање и ја зголемил можноста на М-НАВ да опслужува повеќе авиони во рамки на техничките лимити на системот кој се користи. Во првите 6 месеци од 2025 година со добро планирање на контролорите на летање во смени, било постигнато зголемување на бројот на прелети за 12%, а за споредба, од менаџментот посочија дека во Европа таа бројка била од 2 до 5%.
„Македонија има и околу 20% зголемени приходи од прелетите споредено со 2024 година“, посочи менаџментот, потенцирајќи дека не може да прифати обвинувања за проблеми предизвикани од претходната власт.
„Треба време за решавање на реалните постоечки проблеми. Сегашниот менаџмент не лаже никого ниту во Македонија, ниту во Европа ниту во Европската организација за безбедност на воздушниот сообраќај Еurocontrol во која сме членка“, одговори во јули менаџментот на забелешките од претседателот на ССКЛ.
Скандали, упади…
М-НАВ во изминатите години беше предмет на разни скандали со партиски вработувања, како и на скандалозен насилен упад во М-НАВ, во јануари 2024 година, по што беше отворена истрага, беа разрешни деректори, а и МВР во еден период континуирано ја обезбедуваше зградата на М-НАВ.
Последниот сомнеж за упад беше од поинаква природа – за можен Ransomware хакерски напад. Во август годинава анализа на експертите за сајбер безбедност од М-НАВ утврдила дека има обид за нелегално влегување во административниот дел на компјутерската мрежа на компанијата, по што до Секторот за компјутерски криминал при МВР поднеле соодветна пријава, а како мерка на претпазливост, привремено го оневозможиле интернет-пристапот до административниот дел на М-НАВ. Мрежата била враќана во функција постепено, по претходна детална анализа дека не содржи злонамерен софтер. Од М-НАВ соопштија дека оперативните системи за управување со воздушниот сообраќај во ниту еден момент не биле засегнати, бидејќи меил серверот на административниот дел не бил поврзан со системите за управување со воздушниот сообраќај.