Расистички инциденти во Германија се неприфатливи

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, оцени денеска дека двата одделни расистички инциденти на натпреварите од Купот на Германија се „неприфатливи“.

Неговата реакција дојде ден откако фудбалерот на Шалке 04, Кристофер Антви-Адјеј, објави дека бил цел на расистички навреди за време на натпреварот против Локомотив Лајпциг. Откако ги информираше судиите, фудбалерот на Шалке беше исвиркуван од навивачите во текот на целиот натпревар.

Во другиот случај, тренерот на Кајзерслаутерн потврди дека фудбалер од неговиот тим бил цел на расистички навреди за време на загревањето пред натпреварот против Ајнтрахт, без да го обелодени идентитетот на играчот. Навивачите и обезбедувањето брзо го идентификуваа осомничениот, а публиката од двете трибини скандираа „Нацисти надвор“.

„Неприфатливо е што вакви инциденти се случија на два натпревари од Купот на Германија. Фудбалот нема место за расизам или каква било форма на дискриминација“, порача Инфантино на социјалните мрежи.

Инфантино додаде дека ФИФА и целата фудбалска заедница „стојат покрај засегнатите играчи“ и очекуваат соодветни мерки од организаторите на натпреварувањето и полицијата.

Инцидентите во Германија се случија само два дена откако напаѓачот на Борнмут, Антоан Семењо, пријави расистички навреди кон него за време на натпреварот на „Енфилд“ против Ливерпул. Натпреварот потоа беше накратко прекинат, а полицијата уапси 47-годишен маж под сомнение за кривично дело поттикнување расна омраза.

Back to top button
Close