Расизмот и шовинизмот влијаат лошо на севкупното здравје

Хроничниот стрес може да го промени мозокот. Соочувањето со расизам, во таа смисла, би можело да го влоши когнитивното (умствено) здравје на арфоамериканците, посочуваат новите научни истражувања во САД.

Така, според научници од Универзитетот на Бостон, расната дискриминација и шовинизмот можат да доведат до сериозни здравствени проблеми и нарушување на умствените функции кај жените со потемен тен, се вели во написот објавен во интернет-списанието Alzheimer’s & Dementia.

Во испитувањата се вклучени податоци од 17.323 Афроамериканки. Оние кои секојдневно се соочуваат со расизам – од институциите, полицијата, во продавница или пак, дома, имаат 2,75 пати поголем ризик од влошено субјективно когнитивно функционирање отколку жените кои доживуваат пониски нивоа на расизам.

Когнитивната функција се однесува на менталниот капацитет на една личност за учење, размислување, расудување, решавање проблеми, донесување одлуки, запомнување и внимание.

– Овие откритија не се неочекувани, затоа што знаеме дека причнителите на стрес се поврзуваат со лоши умствени функции, а искуствата со расизмот се доста голем стрес во животот на Афроамериканците, смета Лин Розенберг, одговорна за истражувањето и професор по епидемиологија на Факултетот за јавно здравје при Универзитетот на Бостон.

Според ова, и ризикот од појава на деменција и Алцхајмерова болест, е поголем кај луѓето кои се цел на дискриминација.

Депресијата и пост-трауматското стрес-нарушување можат да имаат долгорочни когнитивни ефекти, истакнува д-р Даниела Херистон, психијатарка и доцент на Медицинскиот универзитетот Хауард. 

Back to top button
Close