Расизмот во Германија е секојдневие, а не исклучок
Фатма работи како воспитувачка во Берлин. Сѐ почнува наутро, кога со автомобил оди на работа, вели таа. „Тогаш другите возачи ме гледаат испитувачки.“ Таа е облечена модерно и елегантно. И носи хиџаб. „Мојата инструкторка за обука на наставници рече дека хиџабот ѝ изгледал нехигиенски.“ Фатма вели дека обуката ја завршила со „одличен“ успех. Но, и покрај тоа, не ѝ е лесно да се вработи. И тоа, иако итно се бараат наставници од предучилишна возраст – во Берлин и низ Германија. Но, хиџабот е на нејзина штета, таа така чувствува. „Тоа ме притиска. Тоа влијае на мене.“

Хана исто така живее во Берлин. „Не се осмелувам да одам во одредени делови од градот.“ Кога се вози во метро со своите деца, вели таа, редовно добива „глупави коментари“, како што таа ги нарекува. Поради нејзините деца. И поради нејзината темна коса. „Луѓето ми велат дека треба да се вратам во мојата земја“. Јасно е колку ја повредуваат овие непријателски изјави. Особено кога се случуваат пред нејзините деца.
Расизам во Германија: Ако како новинар во Берлин сакате да разговарате со жените за нивните лични искуства, не мора да барате далеку. Примерите едноставно извираат од луѓето.
Искуствата на расизам не се случајни
„Искуствата на дискриминација не се случуваат случајно, туку најчесто врз основа на расистички припишувања“, објаснува Ајлин Менги од Германскиот центар за истражување интеграција и миграција. Таа е коавторка на студијата Монитор на расизмот, издадена од Германскиот центар за истражување на интеграција и миграција.
Научниците анкетирале речиси 10.000 луѓе низ целата земја. Тоа е една од најсеопфатните збирки податоци за расизмот и за дискриминацијата во Германија.
Резултатите од тековниот извештај од март 2025 година покажуваат: Луѓето кои другите ги доживуваат како мигранти или муслимани се особено погодени – без разлика дали тие навистина се или не се. Некои затоа што носат хиџаб, како Фатма. Или поради бојата на кожата. Или, како Хана, затоа што имаат темна коса. Над половина од расно стигматизираните луѓе доживуваат секојдневна дискриминација – и тоа најмалку еднаш месечно.
„Расизмот станува посуптилен“
Муслиманките и црнците се особено погодени: Над 60 отсто од нив редовно доживуваат дискриминација во секојдневниот живот, покажуваат резултатите од студијата.
„Гледаме дека искуствата на дискриминација во германското општество се нерамномерно распоредени“, објаснува Џихан Синаноглу во интервју за ДВ. Тој е раководител на студијата Монитор на расизмот. „И гледаме дека расизмот во Германија станува посуптилен и се прилагодува на општествените норми.“ Мислењето дека етничките и верските малцинства поставуваат премногу политички барања останува широко распространето во мнозинското општество, ги сумира резултатите Синаноглу. „Ова покажува дека на одредени општествени групи и натаму им се ускратени политичките права.“
Луѓето кои доживеале дискриминација во Германија се среќаваат со мнозинското општество во кое расизмот е составен дел. „Повеќе од една петтина од вкупното германско население има цврсти расистички ставови“, објаснува Џихан Синаноглу.
Расизмот доведува до психички проблеми
Искуствата на предрасуди и дискриминација имаат далекусежни последици, објаснува раководителот на студијата, анализирајќи ги резултатите: „Анксиозноста и депресијата се зголемуваат колку повеќе доживувам дискриминација и расизам. А довербата во социјалните институции се намалува колку што е поголем степенот на искуствата на дискриминација“.
Авторите на студијата го критикуваат фактот дека политичките партии во Германија премногу често општествениот расизам го туркаат настрана како малцинско прашање. „Живееме во постмигрантско општество: секое трето семејство во Германија има мигрантски врски“, анализираше Наика Форутан, раководителка на истражувачкиот центар, на презентацијата на Мониторот. „Дискриминирачките искуства не ги погодуваат само засегнатите поединци, туку и голем дел од општеството.
Меѓутоа, во дискусијата за расизмот во Германија, едно сознание премногу често се занемарува, вели Наика Форутан: „Во Германија има широко мнозинство против расизмот. Луѓето сакаат да учат. И не се колебаат да бидат информирани за расизмот.“
Германската ополнимоштеничка за антидискриминација, Ферда Атаман, ги гледа резултатите како јасен мандат за политичарите: „Во Германија имаме еден од најслабите закони за антидискриминација. Студијата јасно покажува дека на луѓето им треба подобра заштита “, апелира Атаман во интервју за ДВ.
Ова барање е насочено првенствено кон идната германска сојузна влада, за чие формирање во моментов во Берлин преговараат демохристијаните и социјалдемократите . (DW)