Раскошен анкетен лист на Пандов: две куќи, две станбени згради, три мотори, 10 биткоини во вредност од над 600.000 евра…
На почетокот на јули Александар Пандов седна на директорското столче во Управата за извршување санкции, како кадар на актуелната владејачка гарнитура ВМРО-ДПМНЕ.
Соогласно Законот, во рок од 30 дена до Државната комисија за спречување на корупција, новиот в.д. директор на Управата поднел анкетен лист.
Податоците од анкетниот лист на Пандов покажуваат дека како недвижен имот во лична сопственост поседува две огромни куќи и две станбени згради.
Во скопската општина Кисела Вода поседува станбена куќа од 418 метри квадратни во вредност од 650.456 евра, која ја добил ви 2009 година како подарок. Потоа, во истата населба добива уште една станбена зграда како договор за подарок, но овој пат од 215 метри квадратни, а со вредност од околу 325 илјади евра. Исто така, во Кисела Вода добива станбена зграда од 210 метри квадратни како наследство, додека пак во скопско Зелениково има уште една куќа, заведена како наследство.
Податоците од анкетниот лист уште покажуваат дека Пандов располага и со голем возен парк, поточно три мотори, од кои првиот е купен во 1999 година, додека пак во 2017 година купува уште еден мотор БМВ, а за само три години подоцна, во 2020 година да купи автомобил БМВ 4 во вредност од околу 20.000 евра. Сепак, и во 2024 година Пандов се одлучува да купи уште еден мотор од марката „Triumph“ во вредност од 19.500 евра.
Меѓутоа, тоа не е единствено што поседува директорот на Управата за извршување на санкции. Во неговиот анкетен лист во негова лична сопственост можат да се забележи дека поседува и оружје, од кое едно е наведено како за самозаштита, додека уште три други за лов.
Како и другите побогати функционери, така Пандов поседува уметнички слики во вредност од 32.520 евра, злато и часовници од 33.000 евра, како и 10 биткоини во негова лична сопственост од 2016 година во вкупна вредност од над 600 илјади евра (fokus)