Расправа по амандманите за буџетот – Секој издржан и реален проект ќе го прифатиме, вели заменик-министерот за финансии
Во Собранието од денеска се расправа по поднесените амандмани на Предлог-буџетот за 2021 година. Амандманите се разгледуваат во рамки на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, а најголемиот број се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција Тимчо Муцунски од оваа партија нагласи дека ќе инсистираат на итни и интервентни политики насочени кон намалување на загадувањето и справувањето со сите негативни појави во областа на животната средина.
-Преку консултација со невладината организација 02 Иницијатива, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе голем број амандмани кои ќе овозможат во краток рок да отпочне примена на конкретни политики, рече Муцунски.
На предлог-текстот се поднесени вкупно 528 амандмани, најголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ – 390 и останатите од Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА, објавено викендов, наведе дека се разгледуваат амандманите во Министерството за финансии и дека секој предлог што е добар, издржан и реален ќе се обидат да најдат средства и да биде прифатен.
-Има повеќе амандмани, најголем дел се од областа на транспорт и врски, од локална инфраструктура, водоводи и слично. Со големо внимание тимот во Министерството за финансии ги разгледуваме сите и ја очекуваме амандманската расправа. Можам да кажам дека секој предлог кој е добар и воедно издржан, образложен, реален предлог, предлог кој е за доброто на граѓаните, ние ќе настојуваме да најдеме средства и да го прифатиме. Парламентот треба да биде место каде се дебатираат идеи како да го направиме подобар животот на граѓаните, истакна Ковачевски.
За капитални инвестиции и проекти следната година се предвидени во буџетот 373,7 милиони евра или за 20 отсто повисоки во однос на она што е проектирано последно за годинава. Овие средства се дел од поголем инвестициски пакет предвиден со петгодишната рамка, кој е во износ од 3,1 милијарда евра.
Со овие средства ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, кои имаат повеќегодишна рамка
Следната година ќе се воведе и механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Така, буџетските корисници со Предлог-законот за извршување на буџетот за 2021 година се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40 отсто, со третиот најмалку 65 отсто, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација.