Расте бројот на заболени од грип, за една недела пријавени нови 1 878 случаи
За една недела, односно од 20 до 26 јануари во земјава се пријавени 1 878 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е 33 отсто повеќе во споредба со претходната година, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најголем дел од новопријавените заболени – 581 се во Скопје, а потоа е Кавадарци со 219. Во Куманово за една недела имало 167 заболени, во Струмица се 162, во Штип имало 106, а во останатите градови бројот на заболени е помал или еднаков на сто.
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.
Исто така, се препорачува често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат.
„Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи. Да се пијат топли напитоци – чаеви и супи, овошни цедени сокови, вода со лимон. Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук што му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц – цитрони, лимони, портокали. Доколку не се располага секогаш со свежи прехранбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати“, советуваат од Институтот.
Според надлежните, врвот на заболените се очекува кон средината на февруари.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Се препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО.
Заклучно со 26 јануари во земјата вакцинирани се вкупно 72 357 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.