Расте граѓанскиот притисок во ЕУ врз Полска и Унгарија

– Европратениците, невладините организации и европските судии денеска ја повикаа Европската Комисија да се постави посмело во однос на состојбата со владеењето на правото во Полска и во Унгарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Дебатата на комисијата за правда на Европскиот Парламент за состојбата во Полска се одржа во присуство на претседателот на Европското здружение на судии, Хозе Игреха Матос како и членката на полското здружение на судии, Јоана Хетнарович-Шикора.

Силните критики од мнозинството европратеници како и од судската фела упатени кон полските власти не ги поштедија ниту унгарските, укажувајќи на итноста да се реагира пред влошувањето на состојбата во овие земји и тенденцијата кон ширење на овие модели во други источноевропски земји.

Во нацрт извештајот, кој допрва треба да претрпи амандмани и да биде изгласан на пленарно ниво, се бара, меѓу другото, пристапот до европските фондови да биде јасно условен со почитувањето на владеењето на правото, темелните права и демократијата, во следниот седумгодишен буџет на Унијата.

-Често зборуваме за внесување на условеност со владеењето на правото во буџетот на ЕУ, и наскоро од нас како европратеници ќе се бара да гласаме за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, овој Парламент треба да инсистира на условувањето на оваа рамка со владеењето на правото во замена за нашиот глас, изјави Софи Вантвелд, холандска европратеничка од редовите на Либералдемократите.

Претседателот на Европското здружение на судии нагласи дека тие повеќе пати се обиделе да отворат дијалог со полските власти во последните години, но безуспешно. Власта во Варшава, рече Матос, постојано ја одлага реализацијата на потребни реформски измени во судскиот систем и одбива секаков разговор со судската фела. Според него, доколку ЕУ институциите не реагираат итно, “до крајот на оваа година независноста на судството во Полска нема повеќе да постои, а и во Унгарија исто“, рече тој.

-Проблемот не е само во Полска и Унгарија туку и кај други автократски режими и имаме криза на владеењето на правото во централна и источна Европа, еден феномен на „копи пејст“, според нашите анкети во 60 отсто од 44 анкетирани земји, граѓаните сметаат дека судската независност е влошена во последните пет години, изјави Матос пред европратениците.

Тој смета дека сите погледи се сега свртени кон ЕУ и начинот на кој ќе управува со демократската криза во овие земји и алармираше дека демократијата во Европа е исправена пред “сериозен проблем“.

Пратеничката Вантвелд потсети дека нејзината пратеничка група бара „кризен акциски план за владеењето на правото“, не само за Полска и Унгарија, но дека на потег за тоа е Европската Комисија.

Комисијата во последните години отвори серија прекршочни процедури против Варшава и Будимпешта, но без строги санкции за сега. Европскиот Парламент гласаше и за суспендирање на правото на глас на Унгарија во ЕУ, процедура која продолжува да се одолговлекува од страна на земјите членки. И процедура за која е потребна едногласност во Советот, која е речиси невозможно да се постигне.

-И не е само независноста на судството во прашање, која веќе не постои, таму се глуми само демократија, но има и други прашања: прашањето за безбеден и легален абортус за жените, правата на ЛГБТ заедницата, обидите за манипулации на медиумите, за манипулација на изборите, академските слободи, итн, изјави пратеничката.

Таа ја повика Европската Унија да реагира брзо врз основа на членот два на Повелбата на ЕУ, која се однесува на вредностите врз кои се темели Унијата, а тоа се слободата, демократијата, владеењето на правото, човековите права и правата на малцинствата, меѓу другото. Како и плурализмот, правдата, еднаквоста и недискриминацијата.

-Членот два е законска основа, тој не е само политички став, Европската Комисија може и мора да го искористи и да делува, рече Софи Вантвелд.

Back to top button
Close