Рауна: Сега е моментот да ги отвориме вратите за прием во членство на земјите од Западниот Балкан
Со години повторуваме дека Западниот Балкан е дел од Европа и сега е моментот да го покажеме тоа и конечно да ги отвориме вратите за прием во членство на земјите од регионот, изјави заменичката-министерка за европски прашања на Кипар, Марилена Рауна при презентирањето на приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

– Актери кои не ги делат нашите интереси, туку спротивни, актери кои имаат нови експанзионистички политики веќе се во регионот, а луѓето од Западниот Балкан се свртени кон нас, истакна Рауна.
Осврнувајќи се на секој од кандидати за членство одделно Рауна истакна дека за земјава и Босна и Херцеговина суштински останува спроведувањето на релевантните реформи и обврски и Кипар е подготвени да ги поддржи на тој пат.
Во однос на Црна Гора, Рауна рече дека земјата имаа амбиција да стане 28-ма земја членка на ЕУ во 2028 година, што е амбициозно, но реално, ако продолжи на патот на реформите, додека за Албанија оцени дека досега постигнала импресивен напредок, но мора да ги интензивира реформите и имплементацијата, особено во сферата на владеење на правото.
За Србија, таа нагласи дека Кипар ја поздравува нејзината посветеност за интеграцијата во ЕУ, но за да напредува на европскиот пат клучно останува спроведувањето на реформите поврзани со пристапувањето, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и напредок во дијалогот Белград-Приштина.
За Украина и Молдавија, Рауна најави дека на маргините на неформалниот Совет за општи работи во март на Кипар, Претседателството ќе организира состанок за да се направи преглед на напредокот на двете земји на европскиот пат и да се разговара за отворањето на преговарачките кластери.
Во однос на Грузија, таа изрази жалење што постапките на грузиската Влада доведоа до целосен застој во пристапниот процес, но дека ЕУ мора да продолжи да ги поддржуваме европските аспирации на грузискиот народ.
Говорејќи за Турција, Рауна рече дека таа останува земја кандидат, но суштински предуслови за неа се да оствари напредок во почитувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, посветеноста на добрососедските односи и на решавањето на кипарското прашање во рамките на ОН.
– Правилата за проширување важеа за сите без исклучок и тоа мора да биде така со цел Унијата да остане кредибилна, рече Рауна.
Таа нагласи дека проширувањето е најмоќниот геополитички инструмент на Европската Унија и жив доказ дека ЕУ сè уште инспирира и има нови земји аспиранти, бидејќи останува водилка што го проширува заедничкиот простор на безбедносна стабилност и можности на европскиот континент.
– Но, проширувањето не е само политички избор, туку и стратешка инвестиција на Унијата, па затоа додека се зборува на проширување, мора и да се работи на него со реална амбиција и визија. Ако веруваме дека проширувањето е геополитичка неопходност и инвестиција, тогаш мора да дејствуваме врз основа на оваа уверување, додаде кипарската заменичка министерка.
Според Рауна, руската агресија врз Украина јасно покажа дека проширувањето е поврзано и со безбедноста на Европа и му даде нов моментум на процесот, кој сепак не е вечен и мора да се искористи, пред сè за оние кандидати што остваруваат резултати.
– Кипарското претседателство е посветено на амбициозна агенда за проширувањето базирана на резултати и водена од воспоставената методологијата, преку фиксна и фер условеност, преку индивидуални заслуги и реверзибилност и фокусирана на основите вредности и Копенхашките критериуми, истакна Рауна.
Таа нагласи дека Кипар, кој беше вклучен во ЕУ при големото проширување во 2004 година, е сведок за трансформативните и клучни промени што приемот во Унијата и ги донесоа во поглед на просперитетот, реформите и силата за трансформација на државата.
– Сега е време да работиме заедно на Унија која е поавтономна и отворена кон светот, Унија која е силна одвнатре, способна да дејствува независно, кога е тоа потребно, но воедно да остане самоуверена и способна да соработува со надворешни партнери секогаш кога е можно. Сила преку партнерство, додаде Рауна.






