Разбиена група што организирала нелегално коцкање и перела пари, осомничени се осум лица


Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР) реализираа голема акција во Скопје и околината, поради постоење сомневања за нелегално организирање игри на среќа и перење пари. Акцијата, која е резултат на повеќемесечна предистражна постапка, е спроведена вчеравечер и во текот на ноќта.

Под раководство на јавен обвинител, од ОЈО ГОКК велат дека биле извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје.

При претресите, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за финансиски истраги пронашле реквизити за коцкање – карти, чипови, професионални маси за покер и друга опрема. Исто така, биле пронајдени и значителен износ на денари и евра, возила за кои постојат докази дека се набавени во критичниот период и наркотична дрога.

На една од локациите, 14 лица биле затекнати како играат игри на среќа во моментот на полициската акција.

Од ОЈО ГОКК велат дека јавниот обвинител донел наредби за спроведување на две истражни постапки со кои се опфатени вкупно осум лица.

Во првата постапка се опфатени шест лица за кои постои сомнеж дека континуирано и координирано организирала недозволено приредување игри на среќа без лиценца или одобрение.

Групата, од февруари годинава до вчера, групата организирала игри како „омаха“, „покер“, „круг“ и „брич“ на три локации во Скопје. Игрите се одржувале со однапред договорени правила, влогови, со утврден број играчи и со ангажирани лица за делење карти и водење каса.

Со овие дејствија осомничените сториле две кривични дела злосторничко здружување и приредување игри на среќа без лиценца или дозвола и притоа се стекнале со значителна имотна корист.

Во втората постапка, од ОЈО ГОКК велат дека се опфатени едно лице од првата постапка и уште две други лица. Тие се сомничат за стекнување противправна имотна корист од 7 583 784 денари, прибавена со кривично дело лихварство.

Во објаснувањето од ОЈО ГОКК се вели дека средствата биле пуштани во оптек преку внесување во готово на лични сметки, примање пари од трети лица и користење за купување недвижен имот, плаќање обврски по кредити и водење луксузен живот.

Според дејствијата опишани во наредбата, двајца осомничени како соизвршители сториле продолжено предикативно кривично дело лихварство и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, за кое е осомничена и сопругата на првоосомничениот.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе предложи определување мерка ефективен притвор за седуммина осомничени и мерка куќен притвор за осомничената сопруга.

Back to top button
Close