Разбиена група што шверцувала хероин од земјава до Хрватска, тројца уапсени кај нас

Крајна дестинација на дрогата бил илегалниот нарко-пазар во областа на Истра и Сплит. На акцијата спроведена утрово кај нас во која беа уапсени три лица и претходела акција и во Хрватска, во која учествувале и наши обвинители, а биле запленети 3,9 килограми хероин и уапсени пет лица меѓу кои и еден македонски државјанин

Меѓународна криминална група шверцувала дрога од Северна Македонија до Хрватска и ја продавала на хрватскиот црн пазар. Групата е откриена и во акција што македонската полиција ја спровела денеска во раните утрински часови по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција приведени се три лица.

Станува збор за заедничка акција на хрватските и македонските органи, а на апсењата и претресите што биле спроведени денеска во земјава, им претходеше акција организирана пред една недела и во Хрватска.

Крајната дестинација на дрогата што била продавана бил илегалниот нарко-пазар во областа на Истра, Загреб и на Сплит.

„Осомничените, заедно со лицата кои беа лишени од слобода во Р. Хрватска и против кои е започната истражна постапка од страна на УСКОК – Риека, создале меѓународна криминална група на која припадници станале и други лица. Секој член на групата имал својата улога во набавка, продажба, складирање, посредување во купопродажба, нудење на продажба, поседување, пренесување и понатамошната продажба на дрогата. Групата неовластено пуштала во промет наркотична дрога – хероин, на илегалниот пазар за дрога во областа на Истра, Загреб и Сплит од месец септември минатата година, а дрогата преку разни канали била пренесувана од нашата држава до територијата на Република Хрватска“,

соопштија од Обвинителството.
Во рамки на акцијата во земјава денеска покрај приведувањето на трите лица, биле извршени претреси на четири локации во Тетово, Гостивар и Куманово. Биле запленети поголема количина на кокаин и марихуана, четири автомобили од кои два со хрватски регистрации, еден четирицикл, еден мотоцикл, два пиштоли муниција, електронски уред за мешање дрога, мобилни телефони, СИМ картички, пари, како и потврди за извршени финансиски трансакции.

Уапсените се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и злосторничко здружување. За сите тројца, Обвинителството побарало притвор.

Во акцијата организирана пред една недела во Хрватска, пак, учествувале и наши обвинители, а биле запленети 3,9 килограми хероин и уапсени пет лица меѓу кои и еден македонски државјанин.

Back to top button
Close