Разорно торнадо во Мисисипи, загинаа најмалку 23 лица
Најмалку 23 лица загинаа во силно невреме и најмалку едно торнадо што синоќа го погоди Мисисипи. Според Си Ен Ен, ветрот откорнал покриви, а илјадници луѓе останале без струја.
Потрагата и спасувањето на исчезнатите во невремето започна откако беше потврдено дека торнадото ги погодило градовите Силвер Сити и Ролинг Форк. Еден жител изјави дека Силвер Сити е целосно уништен.
Никогаш не сум видел вакво нешто. Ова беше многу убав мал град, а сега го нема, изјави жителот за Си Ен Ен.
Најмалку 13 смртни случаи се регистриран во близина на Џексон, истакна главната лекарка на судска медицина на округот Шарки, Ангела Истон. Уште тројца загинаа, а најмалку две лица се во критична состојба во округот Хемфрис, изјави за Си Ен Ен рано утринава директорот на Управата за вонредни состојби Ројс Стид.
Во округот Керол, три лица загинаа во еден дом, изјави форензичарот Марк Стајлс за Си Ен Ен, додавајќи дека тие најверојатно загинале во торнадото. Дополнително, две лица загинаа во округот Монро во североисточниот дел на Мисисипи, додаде форензичарот Алан Гурли.
Во опустошениот Ролинг Форк, торнадото оштети домови и згради, откорна дрвја и уништи далноводи, објави Си Ен Ен. Торнадото се движело со брзина од 80 километри на час кога го погодило градот нешто по 20 часот, соопшти Националната метеоролошка служба.
Поради силното невреме, луѓето во Алабама, Тенеси и Мисисипи останаа заробени во своите домови без струја. Стеблата од искорнатите дрвја ги блокираа патиштата, а куќите беа речиси срамнети со земја.
Истото големо и разорно торнадо беше потврдено и во близина на заедницата Коила, според Националната метеоролошка служба, која издаде предупредување за најопасниот тип на торнадо во Ролинг Форк, Силвер Сити и блиската Англива.
Издадени се најмалку 11 известувања за торнадо низ Мисисипи и Алабама во изминатите 24 часа, според Центарот за предвидување бури. Овие извештаи ја вклучуваат бурата што ги погоди Ролинг Форк, Силвер Сити и Винона во Мисисипи.
Над 100.000 луѓе во тие области останаа без струја.