Разрешена директорка во Битола урлала на примопредавање на функцијата, па ја извадиле со полиција од институцијата, тврдат вработени за АПЛА
Разрешената директорка на Средношколскиот дом во Битола Елена Спасеновска, доцна попладнето со полиција била извадена од институцијата откако на примопредавањето на функцијата урлала, кинела службени документи и ги навредувала вработените кои биле избрани за членови на комисијата составена за примопредавање на функцијата, тврдат вработени за АПЛА.
Од денеска нов ве-де директор на ДУД „Мирка Гинова“ – Битола е Радмила Димчевска, воспитувач, назачена од МОН, па старата директорка дошла во Домот со адвокат, кој патем со договор се уште е адвокат на Средношколскиот дом. На договорениот состанок разрешената Спасеновска наместо да ги предаде стварите што лично ги користела, како телефон, компјутер, клучеви, документите и слично и да ја испразни канцеларијата од личните предмети, таа најпрво реагирала оти се формирала комисија за примопредавање, а потоа почнала да кине документи, записници (дел од нив биле предмет на истражните постапки на ОЈО Битола и финансиската полиција) и да ги навредува дел од вработените на лична основа. Неможејќи да ја толерираат разрешената директорка во урлањето, вработените повикале полиција.
Со полиција ја изнесле Спасеновска надвор од Домот, тврдат за АПЛА вработени од институцијата додавајќи дека за ситуацијата веднаш биле известени службите на МОН.
По интервенцијата на СВР Битола, вработените по наредба на полицијата ја заклучиле канцеларијата во која старата директорка оставила неред.
Од прес-службата на СВР Битола вечерва за АПЛА.мк потврдија дека по повик интервенирала полицијата во Средношколскиот дом, а новата директорка Радмила Димчевска ја пријавила старата директорка во полиција за изречени навреди.
Спасеновска од февруари годинава е под лупа на истражните органи, ОЈО Битола отвори истрага за нејзиното раководење во Домот, а во јули годинава доби кривични пријави по неколку основи за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР.
Се очекува одлуката на ОЈО Битола