Разрешената директорка на демирхисарската гимназија на информативен разговор во полиција

Разрешената директорка на Гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска се појави на информативен разговор во демирхисарската полициска станица. Таа беше разрешена на 4 август по одлука на градоначалникот и по налог на Просветниот инспекторат, поради утврдени неправилности во работењето.

Од МВР соопштија дека против Лозановска имало пријава и постоеле основи за сомневање за кривично дело „одземање печат и службени документи“. На 8 август, полицијата изврши претрес во нејзиниот дом во потрага по печатот на училиштето, во период кога таа била на боледување. Поради изјавата на полицискиот началник дека и на носилки ќе ја донесе на разговор, иако имало налог само за претрес, МВР покрена дисциплинска постапка против него.

Постојат и информации дека пред претресот било извршено обивање на училишните простории, за што Лозановска побарала да се изврши увид со полициска придружба.

Нејзиниот авокат Стеваноски изјави дека по разговорот ќе побараат со полициска придружба да се направи увид во училиштето, зашто имаат информации дека пред претресот во домот на Лозановска некој провалил во училишните простории.

За потсетување во петокот во домот на директорката Лозановска, упадна полиција, на чело со началникот на ОВР Демир Хисар кој сакаше на носилка да ја носи на информативен разговор, иако таа беше на боледување.

Лозановска и нејзиниот адвокат тврдат дека зад целиот скандал со полициски претрес во нејзиниот дом ноќ пред распишување на локалните избори всушност бил обид на градоначалникот на Демир Хисар да ја разреши и на нејзино место иако незаконски поставил друго лице а причината според нив била да се вработат 3 лица од ВМРО ДПМНЕ пред да се распишат изборите и законската забрана за вработување во предизборен период.

Back to top button
Close