Разрешениот директор на ЗОО Скопје се уште доаѓа на работа во директорската канцеларија како ништо да не се случило, реагираат вработените

Кристијан Стаменов, директорот на ЗОО Скопје кого градоначалничката Данела Арсовска го разреши од функцијата минатата недела, се уште доаѓа на работа и престојува во директорската канцеларија.
Веста за ,,Фокус” ја потврдија неколкумина од вработените во зоолошката, кои бараат да останат анонимни, плашејќи се за своите работни места.

-По скандалот кој се случи со закланите коњи, и по поднесената кривична пријава од страна на МВР против Стаменов и против уште пет лица, од кои четворица вработени во зоолошката, искрено не ни е јасно како тој може се уште да доаѓа на работа. Се работи за кривична пријава, не знаеме како е тоа дозволиво.
Стаменов доаѓа во зоолошката наутро, како и вообичаено, околу осум часот, си седи во директорката канцеларија, оди во обиколки, а ние вработените се чудиме. По завршување на работното време си оди дома, како да не се случило ништо.
Зошто додека се чека да му биде врачено решението, не се најде негова замена? Знаете ли низ каков стрес минуваат вработените кои добија кривични поради колењето на коњите, низ што минуваат нивни семејства, кога тие луѓе само ги слушаа наредбите на директорот?-прашуваат.

Додаваат дека сите се под голем притисок после настаните, и работната атмосфера била стресна. Велат дека се спомнуваат имиња на неколку потенцијални кандидати за директор на ЗОО Скопје, и прашуваат зошто се чека.

-Дури и да нема конкретен кандидат избрано градоначалничката, нека постави некого привремено, на Стаменов не му е повеќе местото овде, по сите настани – реагираат.

Стаменов пак, во телефонски разговор за ,,Фокус” не сакаше да одговори на прашањето зошто се уште доаѓа на работа, во директорската канцеларија. Не упати да побараме одговор на сите прашања во Град Скопје.

Од градоначалничката Арсовска не успеавме да добиеме одговор, бидејќи мобилниот и беше исклучен.

Поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорги Галетановски, кој ја извршуваше функцијата пред Стаменов, и за кого во јавноста беа актуелни реакциите дека многу добро ја менаџирал установата и треба да биде вратен повторно на функцијата, за ,,Фокус” изјави дека не би се вратил како директор.

-Ми значи реакцијата на јавноста и вработените, но Не, јас не би се вратил како директор. Секогаш ќе бидам на располагање на моите поранешни колеги и на институцијата, да помогнам што можам, во секое време – вели тој

Back to top button
Close