Разрешувањето на Беса Адеми в среда пред Судскиот совет: Претседателката Весна Дамева очекува „правилна одлука“

Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, рече дека одговор за тоа зошто претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, по неколкумесечно отсуство се појави на седницата на Советот на 11 јануари, ќе треба да се побара лично од неа, но доколку се прашува Дамева, таа е задоволна од нејзиното присуство бидејќи претседателот на Врховен може да биде од помош во работата на Советот.

Токму отсуството на Беса Адеми од седниците на Судскиот совет е една од причините поради кои членот на Советот, Миљазим Мустафа покрена иницијатива за утврдување нејзина одговорност, што може да заврши и со разрешување.

Дамева потврди дека извештајот од Комисијата на известители е готов и дека за него ќе се расправа на следната седница на Судскиот совет закажана за в среда, 17 јануари. Станува збор за седмата точка на дневен ред насловена: „Расправа по извештај за констатирана состојба“.

„Станува збор за извештај во којшто комисијата, изведувајќи ги сите докази врз основа на одржана јавна расправа, го констатира тоа во документот, но би сакала да напоменам дека согласно Законот за Судски совет донесен во 2019 година, комисијата не дава предлог до Советот во смисла на лично мислење. Само ја констатира фактичката состојба врз основа на изведени докази, врз основа на расправа. На Советот в среда останува да расправа и да одлучи, врз основа на тоа, дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука, тоа ќе почекаме“, вели Дамева.

Таа рече дека целокупната постапка, како досега, така и понатаму, ќе биде отворена за јавноста, па и расправата в среда. Дамева објаснува дека согласно законските одредби, сите членови на Советот може да дискутираат во однос на извештајот и потоа, по заклучувањето на расправата, се донесува одлука.

„Прво за што се изјаснува Советот е за запирање на постапката, за што се потребни најмалку седум гласа. Доколку нема мнозинство, се пристапува кон констатирање дека е сторена повреда и кон изрекување на една од утврдените законски дисциплински мерки, почнувајќи од најтешката кон најлесната, што значи првата е разрешување, па парична казна имајќи предвид висината и времетраењето, па јавен укор и на крај опомена“,рече Дамева.

Пxрашана за тоа дали има информации за расположението на нејзините колеги во Советот и дали ќе има мнозинство за разрешување на Беса Адеми (најмалку осум гласа), таа вели дека ниту за овој случај, ниту за кој било друг, таа не би можела да претпостави кој како би гласал, но се надева дека нејзините колеги ќе ја земат предвид целокупната фактичка состојба и врз основа на доказите ќе донесат правилна одлука. За себе вели дека знае како ќе се произнесе, но не сакаше да открие јавно.

„Да, имам изградено став. Оставаме јавноста да види в среда на седницата каков е мојот став. Ќе учествувам во дебатата – и како член на Судски совет и во својство на претседател секогаш сакам јавно да ги изразувам моите ставови за да нема дилема дека прифаќам одредени ставови или, пак, само гласам за или против. Секогаш дискутирам, но најчесто како претседателка ги изразувам ставовите на крај, за да не бидам обвинета за влијание“,
кажа Дамева.

Back to top button
Close