Разврски

Дали до некои разврски во македонските провинциски (не)културни „политики“, како на пример во филмот – нарочно не велам во кинематографијата зашто навистина останува нејасно дали ние воопшто и знаеме што тоа значи – ќе дојде пред формирањето на новата власт или… ?

Се разбира не, никако, зашто оваа т.н. техничка влада не смогна сили ни за позначајни работи, а камоли за тоа. А новата? Е тоа останува да се види, што пак можеби ќе биде стрелката што веднаш ќе ја покаже ориентацијата кон која страна на светот ќе се придвижи македонскиот културен компас. Извори блиски до власта велат дека тој компас покажува горе-долу слична ориентација како и досега, што е најблаго речено – лошо. Да не речам катастрофално. Изворите велат и дека ресорот култура повторно ќе припадне на коалицискиот партнер од помалата етничка заедница, што одново, како и во 2018 година, ја доведува во прашање не само предизборната програма на СДСМ во културата, туку и сите останати досегашни напори и званични стратешки документи, пред се’ реализацијата на Националната стратегија за култура. Оттука, за која и каква култура (ќе) можеме да говориме после овие избори? И ќе има ли воопшто за што да говориме?

Не знам дали во мигов – неколку дена пред навестеното составување на новата влада – е воопшто опортуно да се говори за некои идни политики во културата. Но беше, па и е’ опортуно да се говори за пропуштените прилики во овој период на „меѓувластие“ поречито, да не речам поагресивно, да се постави културата во фокусот. Зошто го велам ова? Затоа што, паралелно со „бунтот“ во филмскиот сектор, требаше да сведочиме на еднакво силни разврски и во другите сектори. Но изгледа дека некои постари (не мислам дефинитивно и повозрасни) „борци“ во културата се очигледно веќе изморени. Нема да ги именувам, нема зошто, веројатно треба(ше) некои други да го превземат знамето на отпорот, ама такви очигледно нема. Или – сите се задоволни и со ова што го имаат? Дури и невладиниот сектор? Не знам, не е мое да судам, уште помалку тоа го сакам, ама ова е неодржлива состојба. Не само во културата, не само на духот.

А сепак, остануваат „да висат“ редица круцијални проблеми коишто (речиси) никој не ги адресира. Не сака, не знае, не умее… ? Не знам, ама реалноста „не’ јаде“ во континуитет. Дури и во клучни национални/државни области, на пример во заштитата на културното наследство. Поточно: како тоа само пред избори се сеќаваме на Курбиново; а зошто не се сеќаваме на Аквадуктот, систематски уништуван особено последниве години; и зошто никој не прашува како тоа се’ уште ни ги поттураат како културно наследство „Порта Македонија“, Музејот на македонскиот хорор, Спомен домот на Мајка Тереза…; зошто Националната комисија за УНЕСКО глас не пушта за Струга, за пицеријата кај чинарот, за базенине во Охрид…; зошто сопреа информациите за бекатонизацијата на Старата чаршија; нели е и онаа монструозна градба кај „Мавровка“ дел од таа Стара чаршија (како што беше и објектот на „Менада“, сега претворен во не-знам-што)… ? Има ли оваа култура, оваа држава, институции од областа на заштитата или не, што прават тие луѓе таму, за што примаат плата… ?

Зошто никој во музејската дејност, па и во Македонскиот ИКОМ како дел од светската музејска асоцијација, не го поставува прашањето на постоењето – се’ уште – на она монструмче викано Спомен дом на Мајка Тереза; па оној ѓоамити Музеј на Тоше Проески во Крушево (а во тој контест: уште ли семејството инкасира по 2.000 евра месечно за позајмица на „експонатите“?); и зошто се’ уште онака кочоперно стои Музејот на македонскиот хорор сосе страотната „поставка“ во него? И конечно, го прочитал ли некој во државава Елаборатот за состојбите во музејската дејност што од 2018 годеина стои сокриен некаде во службите на Министерството за (не)култура и има ли намера нешто да направи по тие прашања?

Или, ако со години во македонската култура е констатиран сериозен дефект во таканаречената издавачка дејност, има ли некој намера да се справи со проблемите во овој сектор? Или и тоа е уште едно камче во мозаикот на пазарењето на партиите околу „политиките“ во културата? Токму на дел од сериозните македонски издавачи мислев кога напишав дека старите борци се веќе изморени зашто тие биеа битка со „издавачките ветерници“ повеќе од две децении, главно без резултат. И укажуваа на проблемите: дека иако една од најнеписмените држави во овој дел од светот ние имаме највеќе издавачки „куќи“; дека некои издавачи блиски до партиите имаат по пет-шест фирми со коишто се јавуваат на конкурсите и за сите добиваат средства, што во принцип се вика криминал и нелојална конкуренција; дека издаваштвото кај нас стана буквална монета за поткусурување и пазар помеѓу албанските и македонските партии на власт… !

Или, зошто никој не прашува зошто се’ уште е затворена за јавноста Националната и универзитетска библиотека? Зошто таму нема никој туку ве пречекува некаков полуписмен „чувар“ кој не умее ни името да си го каже а камоли да ви даде соодветна информација? И зошто воопшто библиотеките претставуваат толкав проблем во државава, а не и кафеаните, на пример? Или, ќе проговори ли, конечно, некој за поразителната кадровска политика во културата? Слушаат ли, читаат ли надлежните како се однесува со јавноста едно „Охридско лето“, на пример? Им го слушаат ли речникот, начинот на комуникација… ? „Охридско лето“ бил единствен бисер којшто нешто работел во културата? Види богати, каква ароганција и елементарна неписменост!

За жал, се чини дека сме многу далеку од разврските, барем оние посакуваните. Или вакви „упатства“ се преуранети, треба прво да причекаме да видиме кој ќе седне во културната фотелја? Како и обично, тогаш ќе биде – предоцна!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close