Раззеленет јавниот простор во скопско Долно Нерези

– Општина Карпош засади 270 украсни растенија на јавниот простор во Долно Нерези, кај „воените“ кули, со што е подигната нова зелена уредена површина и во овој дел од населбата.

Како што информираат од Општината, исто така, е поставен и нов систем за наводнување, за поефикасно одржување на зеленилото и негова поголема функција во апсорбирањето на штетните честички кои загадуваат.

Оваа сезона, локалната самоуправа сериозно работи на обнова на меѓублоковското зеленило и поставување на автоматски системи за наводнување. Во изминатиов период, се работеше на нови зелени површини и системи и во Карпош 2 (спроти Драмски), во Карпош 3 (средишниот дел на „Лептокарија“) и Тафталиџе 2 (на ул. „Женевска“), се наведува во соопштението на Општина Карпош.

Во финална фаза, според општинските власти, е и облагородувањето на јавниот простор во Карпош 1 (на ул. „Иван Аговски“), каде што веќе се засадија украсните растенија и нова тревна површина, а во претстојниот период ќе биде поставен и нов систем за наводнување на зеленилото меѓу зградите на улицата „Московска“ во близина на пазарчето во Тафталиџе.

– Општина Карпош продолжува со секојдневните активности за надоместување на изгубеното зеленило и уште поголема заштита на јавниот простор и животната средина, се додава во соопштението.

Back to top button
Close