Реџепи: Алтернатива ќе одлучува дали е за носење на буџетот и брзи избори или за зголемување на мнозинството

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива изјави дека од денеска претстојат два големи предизвика – едниот е сите политички чинители да седнат и консензуално да го донесат буџетот за следната година, па да одат на брзи парламентарни избори, а вториот да се прошири мнозинството. Реџепи најави дека партиските тела на Алтернатива деновиве ќе одлучат кои од двете опции е поважна за државата и граѓаните, ставајќи ги во прв план нив, а потоа партиските интереси.

– Ние сме политичка партија која е многу совесна со сите начела и политички предизвци што доаѓаат. Вчера не знам што се случи иако требаше да падне власта. Се случи нешто што можеби демократски е неочекувано, но настаните беа такви какви што беа, и денешниот ден државата го почна со една тешка политичка криза во која што не очекуваат уште потешки времиња особено месецов што доаѓа, со тоа што доаѓаме пред два големи предизвика. Едниот е или како држава или сите политички чинители да седнат или консензуално да го донесат буџетот, па да одат на брзи парламентарни избори или да се прошири мнозинството. Овие денови партиските тела ќе седнат на состаноци и ќе одлучат кои од двете опции е поважна за државата, граѓаните, ставајќи ги во прв план нив а после партиските интереси, изјави Реџепи.

Тој верува дека одлуката што ќе ја донесат како партија ќе биде во интерес првенствено на државата и на граѓаните, па потоа може да се зборува за партиски интереси.

Според пратеникот на Алтернатива, пред партијата да донесе каква било одлука ќе се разгледаат многу фактори, но меѓу најважните, како што рече, бездруго е меѓународниот фактор, но има и внатрешни фактори со кои треба да се координираат.

– И за брзи избори, па и за зголемување на парламентарното мнозинство. Верувајте одлуката ќе биде донесена согласно сите фактори и чинители во државата и со меѓународната заедница без некои конкретни гаранции бидејќи гаранциите не се чинители, туку чинители се начинот на кој ние комуницираме со сите, рече Реџепи.

За да има условно кажано брзи избори, опозицијата, според него, треба да помогне буџетот да помине, со консензуален договор.

Back to top button
Close