Реџепи планира да остане пратеник на Беса и тврди дека партијата е сѐ уште во Владата  

Јас сум пратеник на Беса и потпретседател на партијата и сè додека не се промени мојот статус ќе дејствувам така, рече пратеникот Кастриот Реџепи, кој во четвртокот оневозможи гласање недоверба на Владата.

Иако партискиот лидер Кастриот Реџепи во петокот објави дека го исклучува од партијата, Реџепи вели дека мора партиските органи да заседаваат за да се случи такво нешто и да добие одлука.

„Кажав дека го разбирам тоа дејствие, поради притисокот на структурите и сите емоции, но додека не добијам официјална одлука од партија дека сум исклучен, јас сум сè уште член, потпретседател, пратеник и координатор на групата пратеници од парламентот – одговори Реџепи.

Тој кажа и дека ќе дејствува како дел од владејачката коалиција бидејќи, иако Беса соопшти дека излегува од Владата и министерот Аријанит Хоџа и двајцата заменик-министри поднесоа оставка, пратеникот тврди оти и за тоа е потребна одлука на Централниот одбор.

„Во моментов сме во коалиција со СДСМ, ДУИ и ДПА. Беса не е излезена од Владата бидејќи нема одлука. Не се излегува од влада ниту се влегува со изјава ниту со прес-конференција и фејсбук-статус. Знам кој е органот што одлучува. За склучување коалиции одлучува Централниот одбор – рече Реџепи нагласувајќи дека кога ќе има одлука дека партијата не е дел од мнозинството тогаш тој ќе размисли.

Back to top button
Close