Реџепи: Сум имал респект кон Села – денеска тој респект завршува

Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи кој денеска рече дека нема да гласа за уривање на Владата ако во тоа учествува Левица, вели дека лидерот на неговата партија Африм Гаши бил донесен пред свршен чин. Тој во гостувањето на ТВ 21 коментирајќи ја фотографијата која во петокот на објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека Гаши бил донесен пред свршен чин.

Исто така, рече дека имал голема почит кон првиот човек на Алијанса, Зијадин Села, но од денеска тоа се променило.

-Сум имал респект кон Села, денеска тој респект завршува. Сме имале многу добар однос досега, рече Реџепи.

Села претходно денеска коментирајќи ја изјавата на Реџепи рече дека тоа не е причина да се констатира оти новото парламенатарно мнозинство е пропаднато.

– Човекот кога има некоја грижа се обидува да најде неосновани изговори и лаги. Никој не е дете и секој знае дека листата што е потпишана е потпишана за да падне владата. Идејата за владата да падне, да има ново мнозинство, е граѓаните да бидат послободни. Кога зборуваме за слободата нема потреба никој, никого да манипулира. Нема да навлегувам во детали затоа што воопшто не е вистинито тоа што го слушнав. Немам потреба некого да мамам. Секогаш сум бил отворен, особено сум внимателен со пратеници кои се дел од коалицијата и идејата е граѓаните слободно да одлучат по своја волја на избори ако констатираме дека еден државен апарат ја ограничува слободата и ги уценува граѓаните, рече Села.

Централното раководство на Алтернатива денеска не успеа да донесе одлука дали нејзините пратеници ќе ја поддржат иницијативата за уривање на Владата. Портпаролот на партијата, Орхан Муртезани рече дека в среда ќе излезат со став и каква и да е таа одлука, ќе ја почитуваат сите пратеници од партијата.

– Со оглед на тоа дека имаме време до четврток, дискусиите во партијата ќе продолжат и утре и најдоцна до среда ќе имаме конкретен став како ќе настапат нашите пратеници. Меѓутоа, едно сигурно можам да кажам – каква било одлука и да имиме  тоа ќе се почитува од сите пратеници од Алтернатива, рече Муртезани.

Back to top button
Close