Реакција на АВАЈА во однос на најавениот три-метарски ѕид во општина Ѓорче Петров

На социјалните мрежи се појави видео на кое Ромите од ромското маало во општина Ѓорче Петров загрижено реагираат за најавата за изградба на 3 метарски висок ѕид. Со овој ѕид наводно општината сака да обезбеди сообраќајна сигурност на граѓаните кои живеат во тој дел од општината, меѓутоа аргументите за сигурност не се оправдани затоа што општината нема направено предходна анализа базирана на податоци и докази за загрозување на сигурноста на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.

Граѓанското движење “Аваја” бара официјален став од страна на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, г-динот Александар Наумоски за ваквата најава на изградба на 3 метарски ѕид во ромското маало.

Планираниот ѕид е предвиден само во делот каде што живее ромско население и затоа Аваја како граѓанско движење ја изразува својата загриженост за ваквата постапка од страна на општина Ѓорче Петров бидејќи истата најавува сегрегација на ромското население.  Ваквите пракси на сегрегација се веќе видени во Словачка и Чешка кои алудираат на физичко раздвојување на ромското население и не-ромското население со што се нарушува социјалната кохезија. Ваквиот пристап од страна на општина Ѓорче Петров се коси со идејата за градење на едно мултиетничко општество во кое сите граѓани се еднакви.

Доколку општината не излезе со аргументирано објаснување и соодветно решение, истакнуваме дека граѓаните од ромското маало се подготвени да излезат на протест.

Back to top button
Close