Реакција на Мицкоски по прес-конференцијата на лидерот на СДСМ: Заев ништо не разбрал

По смената на централната власт, заедно со локалната, државата заеднички ќе ја внесеме во ЕУ, каде што и припаѓаме, реплицира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Зоран Заев ништо не разбрал. Само ја повторува истата прес конференција од лани кога, исто така, лажеше дека ја разбрал пораката, а продолжи да се однесува арогантно и криминално. Jа повтори и прес конференцијата од годината претходно кога истото го велеше, и повторно разочара. Зоран Заев доби и метла со која ништо не измете, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ.

„Вистината е дека Заев не кажа ништо ново освен тоа што повторно зборуваше за минатото, за некаков режим, сo истите флоскули во кои никој не верува. Сака да заборавите дека пет години е на власт и пробува повторно да го потцени народот. Кога зборува Заев за режим нека си погледне во сопствениот дом, за односот кон луѓето и нивните гласови како да се негова сопственост“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Според него, Скопје ќе работи многу подобро без централната власт на Заев, затоа што, како што вели, ќе биде ослободено од притисоци за тендери и од кражби на парите од граѓаните.

„По смената на централната власт, заедно со локалната, државата заеднички ќе ја внесеме во ЕУ, каде што и припаѓаме“,наведува Мицкоски.

Back to top button
Close