Реакција на Министерството за култура и туризам во врска со оштетувањето на куќата на Владо Малески во Струга
Министерството за култура и туризам во реакција до медиумките соопшти дека „најостро ги отфрла неточните и тенденциозни обвинувања изнесени во денешното соопштение на СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата на Владо Малески во Струга“.
Во реакцијата наведува дека „овие обвинувања од СДСМ претставуваат исклучиво политичка злоупотреба на една чувствителна тема за дневно партиски цели и манипулација со јавноста“.
-Заради правилно информирање, потенцираме дека Решението за рушење на постојниот соседен објект и изградба на нов објект во сопственост на Зуди Каба од село Велешта, под број 08-738/2022 од 17.07.2023 година, е издадено во периодот кога институциите беа под раководство на СДСМ. Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше. За разлика од повеќегодишната негрижа, министерот Љутков се залага и е максимално посветен на системски пристап во заштитата, промоцијата и презентацијата на културното наследство, се наведува во дописот од Министерството.
Информира и дека веднаш по добиените информации во текот на вчерашниот ден, увид извршил стручен тим од надлежниот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, а во моментов на терен е инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство која врши увид во состојбата со заштитениот објект, за што јавноста ќе биде информирана.
-Министерството останува непоколебливо посветено на вистинската заштита и унапредување на културното наследство, кое претставува темел на македонскиот идентитет и потенцијал за развој на културата и туризмот. Нашата заложба е јасна – културното наследство не смеат да бидат жртва на политички игри и дневнополитички интереси. Културното наследство му припаѓа на народот, затоа нема да дозволиме тие да бидат искористувани за партиски пресметки и деструктивни наративи кои создаваат недоверба и поделби. И додека СДСМ рушеше објекти, јазикот, културата и идентитетот, ние градиме на дело: Универзална сала, Струмички театар, Театар Куманово, Кино Партизан…., пишува во реакцијата на Министерството за култура и туризам.