Реакција од Србија по состанокот меѓу Хрватска, Албанија и Косово за спроведување на меморандумот за соработка во областа на одбраната

Српската Канцеларија за Косово и Метохија денеска соопшти дека соработката меѓу Тирана, Загреб и Приштина во областа на одбраната претставува активност што директно ја загрозува стабилноста на регионот на Западен Балкан. Според нив, таа соработка не е мотивирана од економски интереси или потребата да се придонесе кон регионалниот просперитет, туку исклучиво од „малигни намери“.

Во соопштението се наведува дека Србија, како воено неутрална земја и столб на регионалната стабилност, е „очигледна цел на тој троен пакт“. Се наведува дека „сојузот на Албанија, Хрватска и Приштина е директно насочен против Србија, со јасна намера за дестабилизација на регионот“.

Канцеларијата потсетува дека Албанија и Хрватска, како суверени држави, веќе припаѓаат на поголем воен сојуз и можат да соработуваат како што сакаат.
Сепак, вклучувањето на Приштина во какви било формални безбедносни иницијативи, што се против колективните интереси во регионот и спротивни на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, е оценето како „директна провокација и напад врз виталните српски државни и национални интереси“.

Канцеларијата за Косово и Метохија го смета формалното вклучување на Приштина во одбранбените и безбедносните аранжмани за „опасен преседан и отворен приказ на непријателство кон Србија како мирен и добронамерен сосед“.

На крајот од соопштението, беше упатен апел до Хрватска и Албанија, наместо да инвестираат во дестабилизација на регионот, „да вложат напори Западен Балкан конечно да стане зона на мирен напредок и просперитет“.

Во Загреб се одржа трилатерален состанок на Хрватска, Албанија и Косово на ниво на директори за одбранбена политика и вооружување, врз основа на меморандумот за соработка во областа на одбраната што беше потпишан во март лани.

Во соопштението објавено денеска од МО на Хрватска, се наведува дека состанокот се одржал на 30 јануари и дека биле разгледани можностите за подобрување на соработката во областа на одбранбените капацитети, интеракцијата меѓу одбранбените индустрии на земјите потписнички на меморандумот и чекорите за понатамошно спроведување на меморандумот.

На 18 март 2025 година во Тирана, Албанија, Хрватска и Косово потпишаа меморандум за соработка во областа на одбраната и безбедноста.

Back to top button
Close