Реакција: Сексуалното образование не е играчка!
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација апелира за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување и разрешување на случајот поврзан со извидничкиот настан Sex Scouts and Rock n Roll, за кој вчера (28.09.2021 година) беше известено во медиумите. Станува збор за сведоштво на родител кој го споделува искуството на неговото дете кое минатитот викенд било дел од настан организиран од Првиот скопски извиднички одред.
Според сведоштвото, учесниците на настанот, меѓу кои и малолетни лица биле дел од активности кои се недозволиви и немаат никаква врска со сексуална едукација. Информациите од родителот укажуваат на кршење на малолетнички права и на сексуално вознемирување – однесувања кои се неприфатливи и кои, доколку се утврди дека навистина се случиле, мора да се санкционираат.
Еден од најважните постулати на сексуалното образование е да се гарантира безбедна средина за секој учесник и да постои согласност за учество од страна на учесникот, што е уште поважно кога станува збор за малолетни лица кои немаат законска можност да дадат согласност. Доколку се спроведува правилно, сексуалното образование треба теориски да укажува како да се заштитиме од сексуално преносливите инфекции, сексуалното вознемирување, сексуалното насилство и дискриминацијата и во никој случај не смее да опфаќа активности преку кои учесниците се злоупотребени, доведени во непријатна ситуација или наведени да прават нешто против својата волја.
Оттука, сексуално образование или едукација не може и не смее да предава секој ентузијаст кој смета дека има познавање од тематиката. Сексуалното образование не е импровизација. За да се изведува онака како што треба, мора да се следат насоките на УНЕСКО и на Светската здравствена организација и мора да биде спроведувано и надгледувано од докажани експерти во областа, психолози, доктори и сертифицирани едукатори и институции.
Токму поради вакви ситуации, ХЕРА со години укажува на потребата од квалитетна и докажана програма за сексуално образование која треба да е дел од формалниот образовен систем и проследена со сите потребни стандарди за достоинствена и квалитетна едукација. Едно од основните човекови права е правото на образование и и не смееме да дозволиме младите да ги бараат овие права и информации каде било. Местото за образование е училиштето или неформалната едукација која може да ја спроведуваат единствено искусни, докажани и стручни лица.
Истовремено, ги демантираме информациите кои се појавија на социјалните мрежи дека ХЕРА е организатор или поддржувач на горенаведениот настан. Според интерните политики, во изминатите 20 години ХЕРА обезбедува едукативни и информативни материјали и средства за превенција на ХИВ, кои се бесплатни и достапни во нашите сервиси за сите поединци и организации. Оттука, се оградуваме од каква било одговорност за настани и тренинг-програми во чии подготовки и спроведување не сме учествувале.
Најпосле, апелираме до сите родители и старатели во иднина, пред да дадат согласност за учество на малолетни деца во какви било активности, да побараат детална програма за активностите и информации за одговорните лица кои ќе гарантираат безбедна средина за учесниците. Ги охрабруваме младите кои имаат какво било искуство поврзано со вознемирување, насилство или злоупотреба, да се обратат за бесплатна психолошка поддршка во Првиот семеен центар на ХЕРА секој работен ден, од 10 до 18 часот (контакт: 02/ 3200 007).