Реакции во Европа по најавата на Трамп за воведување царини за европски држави поради прашањето за Гренланд

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за земјите што го поддржаа Гренланд ги турка трансатлантските односи до точка на прекин, а лидерите на ЕУ разгледуваат претходно незамисливи начини за одмазда против Вашингтон, пишува Политико.

Односите се затегнати со месеци поради американското двоумење околу поддршката за Украина, притисокот врз земјите од ЕУ да прифатат неповолен трговски договор и барањата од сојузниците на НАТО драстично да ги зголемат трошоците за одбрана.

 

Но, додека Трамп ги засилува своите претензии кон Гренланд, предизвикувајќи протести на улиците на Нук и Копенхаген за време на викендот, европските лидери се соочуваат со растечки повици да го напуштат својот мек пристап.

 

Една од опциите што ги предлагаат политичарите од центарот и левицата е Европа да го користи својот инструмент против принуда – таканаречената трговска „базука“ на ЕУ. Тоа е моќна алатка за трговска одмазда, првично дизајнирана да ја одврати Кина, што би ѝ овозможило на Европа да воведува тарифи и инвестициски ограничувања против земјите што ги кршат правилата.

Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен изрази жалење за тарифите што американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ги воведе на голем број европски земји.

„Мислам дека е неприфатливо да се таргетираат земјите кои сега ја преземаат одговорноста за нашата заедничка безбедност во НАТО“, рече тој.

„Меѓународното право и територијалниот суверенитет на државите се клучни за меѓународниот мир и безбедност. Мораме да го заштитиме тоа од европска страна“, се вели во објавата.

Германија и нејзините европски партнери нема да дозволат Доналд Трамп да ги уценува, рече германскиот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл. Германија секогаш ќе им подаде рака на САД за да се најдат заеднички решенија, но Берлин не може да се согласи со Вашингтон по ова прашање, наведе Клингбајл во соопштение.

„И затоа многу јасен сигнал: нема да бидеме уценувани и ќе следи европски одговор“, додаде тој.

Иако Италија можеби не е меѓу земјите загрозени од новите американски царини, премиерката Џорџа Мелони изјави дека ја смета одлуката на Доналд Трамп за „грешка“. Во разговор со новинарите за време на нејзината посета на Јужна Кореја, Мелони потврди дека го пренела својот став и на самиот Трамп пред неколку часа.

„Разговарав со Трамп и му кажав што мислам. Зголемувањето на царините против оние нации кои одлучиле да придонесат за безбедноста на Гренланд е грешка и не се согласувам со тоа“, рече Мелони. Италијанската премиерка откри дека директно разговарала за споменатите царини со Трамп. Мелони не прецизираше како Трамп реагирал на нејзините зборови.

Ирската министерка за надворешни работи Хелен Мекенти ја осуди заканата од американски царини, нарекувајќи ја „целосно неприфатлива“.

Таа нагласи дека мирот и безбедноста зависат од почитувањето на меѓународните норми.

„Мирот и безбедноста зависат од тоа сите земји-членки на ОН да се придржуваат кон основните принципи на Повелбата на ОН“, рече таа. „Не може да има траен мир и безбедност во свет каде што тие принципи се игнорираат и поткопуваат“.

Мекенти истакна дека ставот на Ирска за Гренланд е јасен. „Ирска беше кристално јасна дека иднината на Гренланд е прашање што треба да го одредат Данска и народот на Гренланд, во согласност со добро воспоставените демократски принципи и меѓународното право“, рече таа.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европската унија да го користи својот инструмент против принуда, таканаречената „трговска базука“, како одговор на царините што би можеле да ги воведе администрацијата на Доналд Трамп, јавија француските медиуми.

Тоа е алатка што ЕУ може да ја користи кога владата на друга земја се обидува да изврши економски притисок врз земјите-членки. Тој инструмент, меѓу другото, може да се користи за да им се одземе правото на компаниите од одредена земја да инвестираат или да учествуваат во јавни тендери на територијата на Унијата.

Финскиот премиер Петери Орпо изјави дека царините „не служат никому“ и дека ќе им наштетат и на Европа и на САД.

„Ставот на Финска е дека сите прашања меѓу сојузниците треба да се решаваат преку разговори, а не преку притисок“, рече Орпо.

Тој изјави дека САД изразиле загриженост за безбедноста на Арктикот, што, според него, е клучно прашање за Финска. „Ние се стремиме да ја зачуваме безбедноста на Арктикот заедно со сите наши сојузници, почитувајќи го територијалниот интегритет на Данска и Гренланд“, додаде тој.

Back to top button
Close