Реактор: Во нашата држава сѐ уште нема политичка и општествена еднаквост на жените на локално ниво

Вчера, 26 октомври 2023 година, во организација на Реактор – Истражување во акција се одржа Панел дискусија: Политичка и општествена еднаквост на жените на локално ниво, на која беа презентирани два тематски продукти кои ја разгледуваат политичката и општествената еднаквост на жените: Индекс на родова еднаквост на општините и студијата „Жените во политиката 2: Патот до политичките функции и влијанието на локално ниво во Северна Македонија“.

„Родовата еднаквост е основно човеково право, а борбата против дискриминацијата е приоритет за демократските општества. Шведска е целосно посветена да ја промовира родовата еднаквост на меѓународно ниво, но и дома. Реформите и политиките за справување со нееднаквоста треба да се засноваат на солидни истражувања, факти и проверени податоци. Ова е причината зошто резултатите од студиите презентирани денес се толку значајни”. – реле Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка, Шведска амбасада Скопје, во неговото поздравно обраќање.

Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор при Националниот демократски институт, ја напомена важноста од поддршката на овој вид последователни истражувања, со цел да се увиди дали се случиле некакви промени во однос на поддршката за политичко учество на жените во локалната самоуправа. Зборувајќи за наодите од истражувањето, тој особено ја истакна важноста од задолжителни квоти, како предуслов за резултати во поглед на поголемо политичко учество на жените.

„Иако се бориме за паритет, не смееме да застанеме таму, туку треба да се бориме и за квалитет на вклучувањето на жените, па оттаму треба да одиме преку границата на квотите. Сепак, квотите се неопходни за да преминеме на другата страна.” – додаде Тања Иванова, претседателка на Реактор – Истражување во акција.

По поздравните обраќања, во првиот панел беа презентирани последните наоди од Индексот на родова еднаквост на општините кој овозможува целокупен преглед на состојбите во сите општини во Република С. Македонија, во поглед на родовите јазови (вработеност, плати и сл.), достапност на јавни услуги (јавни градинки, матични гинеколози и сл.) и посветеност на општините кон родово одговорни политики (конкретни мерки, стратешки и акциски документи и соодветно буџетирање).

„Индексот за родова еднаквост на општините покажува дека мнозинството од општините не потрошиле средства за реализирање на мерки за родова еднаквост од својот Буџет за референтната година, а повеќе од половина немаат стратешки документи за планирање на родово одговорни политики.” – рече Васка Лешоска, истражувачка во Реактор, во презентацијата на Индексот.

„Во поглед на родовите јазови, еднаквост има само во однос на образованието, па така бројот на високо образовани жени и мажи во просечната општина е приближно еднаков. Сепак ова не е рефелектирано во еднакви можности на пазарот на платен труд и сѐ уште имаме родови јазови во поглед на вработеност, плати, пензии и конечно во политичко учество каде јазот е најголем. Индексот исто така покажа интересни поврзаности, па така во општините каде има барем една државна градинка, еднаквоста во вработеноста меѓу жените и мажите е поголема и дека со зголемување на процентот на згрижени деца во градинка се зголемува и стапката на вработени жени во општината.” – додаде таа.

Во вториот панел, беше презентиранa најновата студија на Реактор „Жените во политиката 2: Патот до политичките функции и влијанието на локално ниво во Северна Македонија”, која претставува сеопфатно истражување во кое се разгледуваат тековните социјални и економски услови на жените во земјата и родовите разлики во политичкото учество на локално ниво. Оваа анализа е последователна студија на која ѝ претходи успешно реализирано истражување на истата тема, спроведено од Реактор во 2014 година, а за кое во 2016 година, Реактор ја доби и меѓународната награда Медлин Олбрајт (Madeleine K. Albright) на Националниот демократски институт за неговата клучна улога во поддржувањето на политичкото учество на жените во нашата земја.

„Мажите сѐ уште го сочинуваат мнозинството донесувачи на одлуки во политичките партии и тие се оние кои одлучуваат дали жените ќе бидат поддржани во политичката активност или не. Иако повеќето политички партии декларативно поддржуваат еднакво учество на жените во политиката, сепак во пракса оваа поддршка изостанува кога станува збор за кандидирање на извршни позиции кои не се предодредени од квоти.” – рече Ана Бојчевска Митревска, истражувачка во Реактор, во презентацијата на оваа студија.

„Иако повеќето советници и советнички чувствуваат лична одговорност кон унапредување на родовата еднаквост, сепак загрижувачки е наодот дека еден од тројца советници донекаде смета дека на жените не им е местото во политиката. Овој наод е важен, особено ако се земе предвид претходно споменатиот факт дека токму мажите се оние кои се на одлучувачки позиции во органите на партијата и присуството на вакви ставови помеѓу донесувачите на одлуки може да го даде одговорот на прашањето за евентуалната мала вклученост на жените во политиката на извршни позиции.” – додаде таа.

Понатаму образложувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат жените во политиката на локално ниво, Бојчевска Митревска, додаде: „Советничките многу почесто од советниците се жртви на родово базирано насилство и тоа од страна на членови од спротивната партија, но и на членови од нивната партија. Ова укажува на дополнителни внатре-партиски предизвици за жените, особено поради видливото убедување кај жените дека имаат исклучиво лична одговорност да се бранат, без никакви очекувања за заштита од партијата или други лица и тела. Дополнително, жените чувствуваат отпор кон пријавување на ваквите инциденти бидејќи се плашат дека ќе се претстават себеси во поранливо и послабо светло, и дека како такви нема да може да им парираат на нивните машки колеги, што понатаму може негативно да им влијае на идните политички успеси.”

Оваа панел дискусија е организирана од Реактор – Истражување во акција во рамки на проектот „ЕУ застапување за унапредување на женските права”, со финансиска поддршка од Шведска и Фондацијата Квина тил Квина, во рамки на кој е обновен Индексот на родова еднаквост на локално ниво, како и како од дел од проектот „Жените водат: Унапредување на родовата еднаквост преку политичкото учество на жените”, финансиран од Шведска и имплементиран од НДИ, во рамки на кој е изработена анализата „Жените во политиката 2: Патот до политичките функции и влијанието на локално ниво во Северна Македонија”.

Back to top button
Close