Реал поведе истрага за нацистички поздрав на свој навивач


Шпанскиот фудбалски гигант Реал почна денеска истрага откако навивач на Кралскиот клуб, наводно, извел нацистички поздрав за време на вчерашниот реванш натпревар од плејофот во Лигата на шампионите против Бенфика во Мадрид.

Според извештаите, пред почетокот на натпреварот на „Сантијаго Бернабеу“, еден од навивачите, најверојатно, извел нацистички поздрав додека телевизиските камери го снимале стадионот. Неколку моменти подоцна, обезбедувањето го идентификувало навивачот и го исфрлило од стадионот.

Реал ја победи Бенфика со вкупен резултат од 3:1 и се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Управата на Реал побара од својата дисциплинска комисија да поведе „итна постапка за исклучување на тој навивач“.

„Реал Мадрид го осудува овој вид гестикулација и изразување што поттикнува насилство и омраза во спортот и општеството“, се вели во соопштението на мадридскиот клуб.

Двомечот беше нарушен со обвинувања за расизам, откако на дуелот во Лисабон пред една недела, напаѓачот на Реал, Винисиус Жуниор, му се пожали на судијата за расистички навреди од фудбалерот на Бенфика Џанлука Престијани, кој, наводно, го нарекол „мајмун“.

Пред реванш натпреварот во Мадрид, навивачите на Реал истакнаа транспарент со пораката „Не на расизмот“, а фудбалерот на мадридскиот клуб Чуамени, рече дека победата против Бенфика е „победа за сите што се борат против расизмот“.

Back to top button
Close