Речиси 80 отсто од лекарите во земјава биле навредувани, малтретирани или удрени на работно место


Светската здравствена организација известува дека до 38% од здравствените работници трпат физичко насилство во одреден момент од нивната кариера, а многу повеќе се изложени на вербална и онлајн злоупотреба, велат од Лекарската комора по повод одбележување на 12 Март, Европски ден против насилството врз здравствените работници, кој годинава се одбележува во четврти пат.

Во анкетата која Лекарската комора на спроведе минатата година 77,9 отсто од лекарите кои го одговорија анкетниот прашалник одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век. Од нив 79,9 отсто одговориле дека доживеале вербално насилство со викање и навредување, 34,5 отсто биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, 43 испитаници или 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство без телесна повреда, а 13 испитаници или 1,6 отсто доживеале физичко насилство со телесна повреда.

Здравствените работници неопходно е да се чувствуваат безбедни на работното место, ослободени од притисокот за нивно загрозување, со цел да можат оптимално и квалитетно да ги извршуваат своите работни обврски и непречено да ги лекуваат пациентите“, истакнува проф. д-р Калина Гривчева Стаределова, претседател на Лекарската комора на РСМ.

Од Лекарска комора додаваат дека важен исчекор во оваа насока е усвојувањето на измените на Кривичниот законик со кои вербалното и физичкото насилство над лекарите и другите здравствени работници се смета за кривично дело “спречување службено лице во вршење службено дејствие”. Со новите измени во Кривичниот законик е одредено дека делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар или друг здравствен работник при вршење на нивните професионални задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

Back to top button
Close